Украина повторно се соочува со сериозен проблем со извозот на земјоделски производи, откако руските напади врз пристанишната инфраструктура и бродовите го нарушија транспортот преку Црното Море.
Земјата е меѓу најголемите светски извозници на житни култури, а околу 80 отсто од нејзиното земјоделско производство е наменето за странските пазари. По жетвата на пченицата, јачменот и семето од репка, украинските складишта повторно се полнат, додека можностите за извоз се намалуваат.
Проблемот потсетува на ситуацијата од 2022 година, кога руската блокада на украинските пристаништа го запре извозот на жито. Тогаш беше постигнат договор со посредство на Турција и Обединетите нации, преку кој повеќе од 1.000 бродови извезоа над 33 милиони тони жито.
По повлекувањето на Русија од договорот во 2023 година, Украина воспостави нова поморска рута долж своето крајбрежје, како и покрај Романија и Бугарија. Таа овозможи продолжување на извозот, но новиот бран руски напади повторно го отежнува транспортот.
Дополнителен проблем е копнениот и речниот транспорт. Украина може да го пренасочува житото кон дунавските пристаништа, но капацитетите се ограничени, а ниското ниво на Дунав дополнително го отежнува транспортот.
Киев бара повеќе простор на европскиот пазарВо вакви услови Украина повторно бара од ЕУ да ги зголеми количините земјоделски производи што можат да се извезуваат без царина. Украинскиот министер за земјоделство Тарас Висоцки најави дека консултациите со Европската комисија треба да продолжат во септември, со цел да се зголемат квотите за чувствителните производи.
Меѓу нив се пченицата, пченката, шеќерот, медот, јајцата и живината.Засега нема глобална паника поради застојот, но доколку проблемите со извозот продолжат, последиците би можеле да се почувствуваат и на меѓународниот пазар на храна.