Паркот „Авионче“ во Скопје од 4 до 8 септември ќе биде домаќин на второто издание на AERO Street Food Festival, каде што 20 гастрономски брендови ќе подготвуваат специјалитети од светските кујни. Посетителите ќе дегустираат јадења од мексиканската, италијанската и медитеранската кујна, традиционална скара и разновидни десерти, проследени со настапи на домашни музички изведувачи. Настанот го организираат локалните ентузијасти со поддршка од Општина Аеродром и Град Скопје.
Овогодишното фестивалско мени нуди разновидност за сите вкусови. Љубителите на мексиканската кујна ќе дегустираат такоси подготвени од Mustacos и 11: Eleven, додека Loras Sushi ќе се претстави со азиски специјалитети.
Љубителите на бургери ќе го пронајдат својот фаворит меѓу понудите на Fat Kitchen, Burgerslut, Jojo’s BBQ, Oljo’s и Smash Burger. Дополнително, Jojo’s BBQ ќе подготвува хот-дог, Noa Gyradiko носи медитеранско гиро, а Жешко компирче ќе служи печен компир со прилози по избор.
Италијанските вкусови на фестивалот ги носат Bistro 64 со паста и кросани, Sorelle со свежа фокача, како и пицериите „15 за 12“ и Pizza Vice City. За љубителите на традицијата, Дестан ќе понуди познати кебапи.
Слаткото мени го сочинуваат сладоледите од Scoop и Sweet Look, палачинките на Milkey, кремастите десерти од Сутлијаш бар и печивата од Трансилваниско трдло.
Организаторот Дарко Панчевски истакнува дека целта е фестивалот да прерасне во препознатлива традиција што ги спојува храната, музиката и добрата енергија.
„Нашата цел е фестивалот да прерасне во препознатлива градска традиција и место на кое се спојуваат квалитетната храна, домашната музика и добрата енергија. Оваа година фестивалот е поголем, поразновиден и содржински побогат, а учеството на 20 гастрономски брендови е потврда дека заедно создаваме настан што носи вистинска вредност за Аеродром и за цело Скопје. Особено ни значи поддршката од Општина Аеродром и Град Скопје, кои ја препознаа нашата визија и потенцијалот на фестивалот“, изјави Дарко Панчевски, организатор на AERO Street Food Festival.