Шеесет и шестото издание на „Охридско лето“ остава зад себе 40 дена исполнети со врвна уметност, незаборавни средби и силни емоции.
„Голема благодарност до целиот фестивалски тим, до Министерството за култура и туризам, нашите партнери, спонзори и пријатели, а особено до генералниот спонзор на фестивалот, А1 Македонија, чија поддршка и оваа година беше значаен дел од фестивалската приказна.
Им благодарам на уметниците кои ја создадоа магијата, на тимот кој неуморно работеше таа магија да стигне до публиката и, пред сè, на публиката која со своето присуство покажа дека културата има сила да обединува, да инспирира и да создава незаборавни моменти.
„Охридско лето“ продолжува со уште поголема одговорност, уште повисоки стандарди и со јасна цел оваа македонска културна визит-карта да биде уште посилна и повидлива во светот“, изјави Цуцковски.
Зад фестивалот остануваат спомените од прекрасните фестивалски вечери, аплаузите и енергијата на публиката, како и уверувањето дека „Охридско лето“ и понатаму ќе биде место каде што највисоките уметнички вредности се среќаваат со публиката во единствениот охридски амбиент.