Енергетските пијалаци се поврзуваат со поголем ризик од ненадејни срцеви проблеми

Анализа на повеќе од 28.000 пријави покажала дека енергетските пијалаци и додатоците во исхраната со стимулативно дејство почесто се поврзуваат со сериозни срцеви проблеми, вклучително и срцев удар и застој на срцето.

Кофеинските енергетски пијалаци и додатоците во исхраната со стимулативно дејство многу почесто се поврзуваат со сериозни срцеви проблеми, вклучително и срцев застој и срцев удар, отколку другите прехранбени производи. Ова го објави Американската асоцијација за срце.

Анализирајќи повеќе од 28.000 пријави доставени до Американската агенција за храна и лекови (ФДА) во периодот од 2017 до 2025 година, истражувачите утврдиле дека лицата на возраст од 18 до 34 години често пријавувале консумирање вакви пијалаци пред појавата на срцевите проблеми.

Продажбата на енергетски пијалаци во изминатата деценија се удвоила и надминала 20 милијарди долари. Иако експертите наведуваат дека дневниот внес до 400 милиграми кофеин генерално се смета за безбеден за здрави возрасни лица, некои енергетски пијалаци содржат и до трипати повеќе кофеин по милилитар во споредба со обичното кафе.

Состојбата е уште посложена кај суплементите што се користат пред тренинг, во кои концентрацијата на кофеин може да биде и до 12 пати поголема.

Бидејќи надлежните регулаторни агенции ги третираат овие производи како храна или додатоци во исхраната, тие не подлежат на истите безбедносни проверки како конвенционалните лекови.


Авторот на студијата, Саи Самајамантула од Универзитетот во Вирџинија, истакнува дека овие производи во продавниците се изложени веднаш до обичната вода и соковите, поради што потрошувачите погрешно претпоставуваат дека се целосно безбедни. Истражувачите нагласуваат дека се потребни подетални студии и систематско следење за целосно да се утврдат долгорочните последици од консумирањето на овие производи врз здравјето на срцето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс