Вселенскиот телескоп „Свифт“ утре паѓа на Земјата, но не се знае каде ќе заврши

По речиси 22 години во орбитата, вселенската опсерваторија „Нил Герелс Свифт“ на НАСА ќе влезе неконтролирано во Земјината атмосфера. Се очекува најголемиот дел од леталото да изгори, но некои делови би можеле да стигнат до површината.

Вселенската опсерваторија „Нил Герелс Свифт“ на НАСА во среда, 4 ноември, ќе влезе во Земјината атмосфера, со што ќе заврши нејзината речиси 22-годишна мисија. Според процените на Вселенските сили на САД, леталото, кое тежи околу 1.450 килограми, треба да влезе во атмосферата во 9:30 часот по средноевропско време. Сепак, процената има можност за отстапување од плус-минус 11 часа. Експертите очекуваат поголемиот дел од сателитот да се распадне и да изгори при минувањето низ атмосферата.

Помал дел од неговите компоненти би можел да го преживее минувањето низ атмосферата, а точната локација на падот ќе зависи од моментот на влез. Поради малиот наклон на орбиталната патека, остатоците можат да паднат исклучиво во појасот меѓу 20,6 степени јужна и 20,6 степени северна географска ширина.

Од НАСА истакнуваат дека ризикот некој на Земјата да биде повреден е исклучително мал и се проценува на приближно 1 спрема 2.100. Вселенските сили и НАСА продолжуваат да го следат процесот на напуштање на орбитата. Положбата на опсерваторијата „Свифт“ може да се следи и преку овој линк.

Две децении вселенски откритија

Лансиран во 2004 година, со примарна задача да ги проучува најмоќните експлозии во вселената – изблиците на гама-зраци – „Свифт“ првично бил проектиран за мисија во траење од само две години. Во текот на повеќе од две децении работа, опсерваторијата, опремена со три телескопи, била насочувана кон краткотрајни вселенски експлозии и испраќала предупредувања до другите опсерватории.

Нејзините набљудувања придонеле за проширување на знаењата за галаксиите, супермасивните црни дупки, ѕвездите со рендгенски блесоци, суперновите, како и кометите и астероидите во Сончевиот Систем.

Неуспешен обид за спасување

На почетокот на јули НАСА се обиде да го спаси сателитот, чија орбита забрзано се намалуваше, преку финансирање приватна мисија наречена „Свифт буст“ (Swift Boost). Планот предвидувал употреба на роботизирано летало „Линк“ (LINK), на компанијата „Каталист спејс“ (Katalyst Space), кое требало да се спои со „Свифт“ и да го повлече во повисока орбита.

Сепак, леталото „Линк“ имало дефект во системот за контрола на насоката, поради што почнало неконтролирано да се врти. Тоа предизвикало и прекини во комуникацијата, па неколку недели подоцна НАСА донела одлука да ја прекине мисијата за спасување на „Свифт“.


Иако неговата мисија првично требало да трае само две години, „Свифт“ помина речиси 22 години во вселената и остави значаен придонес во истражувањето на високоенергетските појави во Универзумот. Сега, поради неконтролираното враќање во атмосферата, се очекува неговото последно патување да заврши со согорување на најголемиот дел од леталото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс