„Шефлер“ укинува 3.460 работни места во Европа и затвора пет производствени погони

Германскиот производител на автомобилски делови планира да ги спроведе отпуштањата до крајот на 2028 година. Од вкупниот број укинати работни места, околу 2.660 се во Германија.

Германскиот производител на автомобилски делови „Шефлер“ планира да укине 3.460 работни места на 16 локации низ Европа и да затвори пет производствени погони, од кои четири во Германија. Причините за одлуката се намалената побарувачка за автомобили со мотори со внатрешно согорување, побавното од очекуваното преминување кон електрични возила и засилената конкуренција, пренесува Си-ен-би-си.

Од вкупниот број планирани отпуштања, околу 2.660 се однесуваат на Германија, што претставува приближно девет отсто од основниот број вработени во компанијата во таа земја.

Планирано е намалувањето на бројот на вработени да се спроведе до крајот на 2028 година. Компанијата најави затворање на погоните во Дортмунд и Морбах, како и на локациите во Берлин и Швалбах. Петтиот погон што ќе биде затворен се наоѓа во белгискиот град Херстал.

Според планот за реструктурирање, околу 50 отсто од укинатите работни места ќе бидат во производството, 30 отсто во истражувањето и развојот, а преостанатите 20 отсто во другите деловни сектори. Покрај затворањето на погоните, „Шефлер“ планира приспособување на производствените капацитети и организациската структура и на неколку други локации.

Целта е годишна заштеда од 300 милиони евра

Извршниот директор на компанијата, Клаус Розенфелд, изјавил дека трошоците за вработените во Германија се околу 2,5 пати повисоки отколку во другите европски земји. Поради тоа, според него, потребно е обединување на производствените капацитети и намалување на трошоците за компанијата да ја задржи конкурентноста.

Програмата за реструктурирање треба да донесе годишни заштеди од околу 300 милиони евра до 2030 година. Еднократните трошоци за нејзино спроведување се проценуваат на околу 480 милиони евра, од кои најголемиот дел ќе бидат евидентирани во текот на оваа година.


Во рамките на програмата е предвидено и привремено доброволно намалување на платите на сите хиерархиски нивоа, почнувајќи од раководството на компанијата. Според Розенфелд, членовите на Управниот одбор ќе ги намалат своите плати за 10 отсто во следните две години.Компанијата најави дека мерките ќе ги спроведува во договор со претставниците на вработените и синдикатите, со цел да се ублажат последиците за работниците, пренесува Танјуг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс