Демократската партија оствари убедлива победа на изборите за американскиот Конгрес, одржани на средината од претседателскиот мандат на Доналд Трамп. Според проекциите на американските медиуми, демократите ја преземаат контролата врз Претставничкиот дом од републиканците, а освоија и мнозинство во Сенатот. Особено значајни се победите во неколку сојузни држави кои традиционално се сметаат за републикански упоришта.
Демократите освоија мнозинство и во Сенатот
Победата на демократот Џош Турек во Ајова им го донесе на демократите 51. сенаторски мандат и мнозинство во горниот дом на Конгресот. Турек ја победи републиканката Ешли Хинсон, која имаше поддршка од претседателот Доналд Трамп.
Демократите претходно ја обезбедија победата во Претставничкиот дом, па со резултатот во Ајова ја заокружија контролата врз двата дома на Конгресот. Меѓу најзначајните изборни резултати е победата на демократот Џејмс Таларико во Тексас, сојузна држава во која демократски кандидат не освоил сенаторско место од 1988 година. Таларико во победничкиот говор ја спореди својата изборна трка со библиската приказна за Давид и Голијат, велејќи дека се соочил со најбогатиот и најмоќниот човек во светот, како и со политичкиот естаблишмент во Вашингтон.
Демократите победија и во Јужна Каролина, каде што Ени Ендрус ја совлада републиканката Дарлин Греам. Ендрус ќе биде првата жена избрана за сенатор од оваа сојузна држава и првата демократка што победила во сенаторска трка таму од 1998 година.Во Канзас, демократот Адам Хамилтон го победи досегашниот републикански сенатор Роџер Маршал. Демократите освоија сенаторско место и во Охајо, каде што Шерод Браун го победи Џон Хјустед.
Во Минесота, според проекциите на Ен-Би-Си њуз, демократката Пеги Фланаган победила во трката за Сенатот. Со тоа ќе стане првата припадничка на домородните народи на САД избрана во овој дом на Конгресот.
Прва жена од генерацијата З во Конгресот
Изборите донесоа и историски резултат за генерацијата З. Демократката Мелат Кирос (29), адвокатка со етиопско потекло, стана првата жена од оваа генерација избрана во американскиот Конгрес. Таа победи во Колорадо, водејќи кампања со прогресивна, социјалистичка платформа.
Во Џорџија, демократката Киша Ленс Боттомс победи во трката за гувернерка и стана првата црнкиња избрана на чело на американска сојузна држава.
Што значи поразот за Трамп?
Губењето на мнозинството во двата дома на Конгресот значително ќе му го отежне на Трамп спроведувањето на политиките во преостанатите две години од мандатот. Контролата врз Сенатот им овозможува на демократите да имаат поголемо влијание врз потврдата на именувањата на високи функционери и федерални судии. Во Претставничкиот дом, пак, ќе можат да покренуваат истраги за работата на администрацијата и да ја надгледуваат нејзината политика.
Според анализата на Би-Би-Си, демократското мнозинство во долниот дом би можело да отвори истраги за начинот на кој Трамп и членовите на неговото семејство остварувале приходи по неговото враќање во Белата куќа, но и за контроверзни одлуки на администрацијата, вклучително и за почетокот на војната во Иран.
Демократите би можеле повторно да покренат и постапка за отповикување на Трамп, што би бил трет таков обид, или да иницираат постапки против членови на неговиот кабинет. Трамп, по изборниот пораз на својата партија, изјави дека е подготвен да соработува со демократите, но истовремено најави дека ќе го користи правото на вето доколку тие предложат закони со кои не се согласува.
Тесна трка во Мисисипи
И покрај веќе обезбеденото мнозинство, една од најнеизвесните сенаторски трки се води во традиционално републиканскиот Мисисипи. По пребројани 97 проценти од гласовите, демократскиот кандидат Скот Колом имал 462.779 гласови, односно 48,9 проценти, додека републиканската сенаторка Синди Хајд-Смит имала 462.751 глас. Разликата меѓу двајцата кандидати изнесувала само 28 гласови.
Третиот кандидат, Тај Пинкинс, освоил 19.934 гласа, односно 2,1 процент. Изборните резултати предизвикаа реакции и на финансиските пазари. Индексот МСЦИ за азиско-пацифичките акции, без Јапонија, падна за 0,5 проценти, а најголем пад забележаа акциите на компаниите за вештачка интелигенција и производителите на чипови, меѓу кои и Еј-Ем-Ди.
Пред изборите републиканците имаа мнозинство во двата дома на Конгресот, што му овозможуваше на Трамп полесно да ја спроведува својата агенда. Новиот распоред на силите во Вашингтон отвора поинаква политичка фаза, во која демократите ќе имаат значително поголема можност да ги контролираат и ограничуваат одлуките на претседателската администрација.
