Европската комесарка за проширување, Марта Кос, денеска ќе го претстави годинешниот пакет за проширување на Европската Унија, соопшти Европскиот парламент.
Како што е објавено на веб-страницата на Парламентот, Кос пред Комитетот за надворешни работи ќе ги презентира оценките за напредокот што девет земји кандидати и една потенцијална земја кандидат го оствариле на патот кон членство во ЕУ, со пресек на состојбата за оваа година.
Откако Европската комисија ќе го оцени напредокот на секоја од земјите во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, постојаните известувачи на Комитетот за надворешни работи ќе подготват нацрти на резолуции за секоја земја одделно.
Во резолуциите ќе бидат содржани ставовите и препораките на Европскиот парламент за напредокот на секоја од земјите кон членство во Унијата.
Од Европскиот парламент за четврток најавија и дијалози за инструментите наменети за Западен Балкан, Молдавија и Украина.
