Десет години Париз: климатските ветувања наспроти реалноста

Парискиот климатски договор стапи во сила на 4 ноември 2016 година со цел затоплувањето да остане под 1,5 степени. Една деценија подоцна, Обединетите нации признаваат дека таа граница веќе ќе биде надмината.

Парискиот климатски договор беше усвоен на 12 декември 2015 година, на конференцијата COP21, а стапи во сила на 4 ноември 2016 година, неочекувано брзо за меѓународен договор од ваков обем. За тоа беше потребно да го ратификуваат најмалку 55 земји што заедно произведуваат 55 отсто од глобалните емисии, праг што беше надминат на почетокот на октомври 2016 година.

Државите се обврзаа затоплувањето да остане значително под 2 степени во однос на прединдустриското ниво, со напори тоа да се ограничи на 1,5 степени. Секоја земја сама ги одредува своите цели, таканаречените национални придонеси, и треба да ги засилува на секои пет години.

ОН: границата од 1,5 степени ќе биде надмината

Десет години подоцна, бројките не се на страната на договорот. Извештајот на Програмата на ОН за животна средина за јазот во емисиите, објавен на 21 октомври 2026 година, за првпат отворено признава дека шансата затоплувањето да се задржи под 1,5 степени без надминување или со минимално надминување е изгубена, а задачата сега е тоа надминување да се сведе на минимум и температурата да се врати на 1,5 степени. Ако продолжат сегашните политики, затоплувањето може да достигне 2,8 степени во овој век, а ако се исполнат сите национални придонеси, ќе биде ограничено на 2,6 степени.

Дури и најоптимистичкото сценарио не носи олеснување. Ако се исполнат сите придонеси и дополнителните цели за нето-нула емисии, затоплувањето би било ограничено на 2,1 степен, а секој петгодишен период со емисии на CO2 на сегашното ниво го зголемува врвното затоплување за околу 0,1 степен. За најблагото можно надминување, глобалните емисии треба да се намалат за 18 отсто до 2030, за 45 отсто до 2035 и за 69 отсто до 2040 година, во однос на 2025 година. До септември 2026 година, 124 страни, кои покриваат 76 отсто од глобалните емисии, доставиле нови придонеси, но нивното влијание врз проектираното затоплување останува занемарливо.

Излезот на САД го влоши затоплувањето

Најголемиот политички удар врз договорот дојде од Вашингтон. САД излегоа од договорот уште во првиот мандат на Доналд Трамп, а излегувањето формално стапи во сила на 4 ноември 2020 година, точно четири години по почетокот на примената на договорот. Џо Бајден ги врати во 2021 година, а Трамп во јануари 2025 година повторно го покрена процесот на излегување.

Според ОН, токму повлекувањето на САД, заедно со ревизијата на проценките за историските емисии, ги влошило проекциите. Генералниот секретар Антонио Гутереш оцени дека јазот во емисиите сега е, всушност, јаз во лидерството.

Македонија вети 82 отсто помалку нето-емисии

Македонија има свој дел од ветувањата. Во април 2021 година државата се обврза до 2030 година да ги намали нето-емисиите на стакленички гасови за 82 отсто во однос на 1990 година, односно за 51 отсто изразено во бруто-емисии. Ревидираниот придонес предвидува емисиите од енергетскиот сектор да се намалат за 66 отсто до 2030 година.


Тогашната влада соопшти дека, поради животниот век на РЕК „Битола“ и намалените резерви на лигнит, се очекува блоковите да се затвораат еден по еден до околу 2030 година. До тој рок остануваат четири години, а следната климатска конференција на ОН ќе се одржи во Анталија, Турција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс