Унгарија ги отвора досиејата на комунистичките доушници

На симболичниот датум 4 ноември, владата на Петер Маѓар почнува со објавување на досиејата на соработниците на комунистичката државна безбедност. Со тоа се отвора едно од најчувствителните прашања од унгарското минато и политика

Четврти ноември е болен датум во историјата на Унгарија. На тој ден во 1956 година, десетици илјади советски војници, со илјадници тенкови, влегле во земјата и крваво го задушиле антикомунистичкото востание. Следувале децении диктатура, позната и под разубавениот прекар „гулаш-комунизам“, но која ја одржувала власта со брутални методи, меѓу другото и со помош на унгарската служба за државна безбедност.

Токму на овој симболичен датум, Унгарија почнува со задоцнетото соочување со еден од најчувствителните делови од своето минато. Владата на Петер Маѓар ги отвора таканаречените „досиеја на агентите“ – регистри со имињата на луѓето што унгарската државна безбедност ги водела како информатори. Повеќето од нив соработувале свесно, но некои биле евидентирани без нивно знаење, па дури и без воопшто да пишувале извештаи.

Отворањето на досиејата било едно од изборните ветувања на премиерот Петер Маѓар и неговата партија Тиса. Фактот дека документите сега навистина ќе станат јавно достапни претставува историски настан. Повеќе од три и пол децении унгарската политика и јавноста расправале како да се постапи со овој дел од архивите. Со нивното отворање, владата на Маѓар започнува и поширока дебата за вината и одговорноста.

Минатата сабота, на 31 октомври 2026 година, премиерот на Фејсбук напишал: „Исполнуваме едно од најважните ветувања на партијата Тиса и на 4 ноември ги објавуваме досиејата на агентите на социјалистичката диктатура. Ова е задоцнета, тешка и чувствителна тема што ќе погоди многу семејства, но без неа нема вистинска промена на системот“.

Фидес гласал против повеќе од 30 пати

Уште за време на демократските промени во 1989 и 1990 година, како и во децениите што следувале, бројни активисти за граѓански права и помали унгарски партии постојано барале отворање на досиејата на агентите.

На почетокот на тоа се спротивставил првиот посткомунистички унгарски премиер, конзервативецот Јожеф Антал. Подоцна отворањето го блокирале посткомунистичките социјалисти, а особено упорна била партијата Фидес на Виктор Орбан. Според пресметката на унгарскиот портал „Телекс“, од 2010 година Фидес повеќе од 30 пати гласал против отворањето на досиејата во парламентот.

Делумното отворање на архивите започнало во 1990-тите. Унгарскиот парламент во 1994 година го усвоил Законот за агентите, со кој членовите на владата, пратениците и одредени лица на јавни функции морале да бидат проверени за евентуална поврзаност со државната безбедност.

Од 1997 година и граѓаните можеле да добијат увид во сопствените досиеја, првично без можност да ги дознаат имињата на доушниците, а од 2003 година под нешто пошироки услови.

Селективно отворање на архивите

Законот, сепак, содржел одредби што им овозможувале на државните институции, меѓу кои и Министерството за внатрешни работи, во одредени случаи да го блокираат предавањето на досиејата на унгарската институција задолжена за отворање на архивите – Историскиот архив на службите за државна безбедност на Унгарија (АБТЛ).

Тоа можело да се направи, на пример, доколку институциите проценеле дека објавувањето би ја загрозило националната безбедност.

Ваквиот селективен пристап не само што го спречил унгарското општество да ја дознае целосната вистина за дејствувањето на државната безбедност, туку овозможил и политичка манипулација со архивите, вклучително и пласирање компромитирачки информации за политичари.

Еден од попознатите случаи бил оној на социјалистичкиот премиер Петер Меѓеши, кого во 2002 година дневниот весник „Маѓар Немзет“, близок до Фидес, го разоткрил како поранешен професионален соработник на комунистичката контраразузнавачка служба.

Објавувањето може да предизвика силни реакции

Владата на Петер Маѓар сега сака да стави крај на ваквиот однос кон наследството на државната безбедност. Од 4 ноември ќе бидат објавени бази на податоци со имињата на информаторите. Меѓу нив се и таканаречените „картони 6“ – картички на кои биле забележувани најважните информации за секој информатор.

Ќе бидат објавени и други регистри, меѓу кои и таканаречените „Б-досиеја“, една од најобемните збирки податоци за регрутираните лица. Се очекува тие да станат достапни до крајот на февруари 2027 година.

Истовремено, значително се стеснети можностите за чување на документите во тајност, предвидени со стариот закон за отворање на архивите. Поради тоа, во иднина на јавноста веројатно ќе ѝ бидат достапни многу повеќе документи отколку досега.

Објавувањето има голема политичка и општествена тежина. Се проценува дека базите на податоци би можеле да содржат информации за 50.000 до 60.000 лица, од вкупно околу 150.000 поранешни информатори на унгарската државна безбедност.

Директорот на АБТЛ, Герге Бенедегуз Чех, во неделата, на 1 ноември, во разговор за „Инфорадио“ предупредил дека не треба безрезервно да им се верува на тврдењата на органите на државната безбедност и на она што го содржат нивните архиви. Тој додал дека документите во многу случаи се нецелосни и недоверливи, а голем број досиеја биле уништени.

Историчарите: На Унгарија ѝ се потребни вакви дебати

Некои набљудувачи се скептични во однос на најавеното објавување. Историчарот Јанош М. Рајнер, експерт за историјата на комунистичката диктатура во Унгарија, за порталот „Телекс“ изјавил дека отворањето на досиејата би имало многу поголема смисла доколку се случело непосредно по падот на диктатурата. Денес, според него, станува збор пред сè за симболичен чин.

Од друга страна, историчарот Кристијан Унгвари, еден од водечките унгарски истражувачи на архивите на државната безбедност, позитивно го оценува објавувањето на списокот со имињата на информаторите. Во изјава за ДВ рекол дека тоа им овозможува на историчарите да постават нови прашања, а на општеството му отвора простор за нови дебати.

„Општествените лаги во секој случај доведуваат до нарушен однос кон политиката“, вели Унгвари. „Цената на тоа беа токму 16-те години владеење на Фидес“.

Унгвари се залага и за лустрација, односно поранешните службеници и соработници на државната безбедност да имаат ограничена можност да вршат одредени јавни функции и должности. Иако, по повеќе од три децении, таквата мерка би се однесувала на мал број луѓе, тој смета дека сè уште има смисла.

Политичката логика зад отворањето на досиејата

Иако за можна лустрација во моментов не се разговара на владино ниво, отворањето на досиејата на агентите има и сопствена политичка логика за Петер Маѓар. Очигледно е дека ова прашање има и лично значење за него.

Темата во последните години ретко добивала значајно место во унгарската јавност. Сепак, Маѓар ја претворил во едно од своите изборни ветувања. Причините веројатно се неговата изразена историска свест, антикомунистичката политичка социјализација и фактот дека соочувањето со минатото, особено со годините на системот на Орбан, е едно од прашањата на кои често се навраќа.

Кога парламентот во средината на септември го изменил Законот за архивите, Маѓар на Фејсбук напишал: „Со 36 години задоцнување, унгарскиот парламент денес, на иницијатива на партијата Тиса, одлучи да ги објави досиејата на агентите. Фидес не го поддржа предлогот. Се прашувам зошто?“

Со тоа алудирал на фактот дека Фидес формално се претставува како антикомунистичка партија, но во нејзините редови, како и во опкружувањето на Орбан, има низа истакнати личности кои некогаш биле членови на Унгарската социјалистичка работничка партија или соработници на државната безбедност.

Најпознат меѓу нив е Јожеф Хорват, поранешен службеник на Одделението III/III, сектор на унгарската државна безбедност задолжен за сузбивање на домашната опозиција. За време на владеењето на Орбан изградил значајна кариера како разузнавачки функционер и советник за безбедност.


Во есента 2024 година, на извесен начин се вратил на своите почетоци, станувајќи директор за истражување во таканаречената Канцеларија за заштита на суверенитетот – институција која наводните внатрешни непријатели на системот на Орбан јавно ги прогласувала за „странски агенти“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс