Живееме во општество на контрола: што би ни кажал филозофот Жил Делез за дигиталниот свет?

Пред 31 година почина француски филозоф кој во текст од неколку страници ги опиша лозинките, кодовите и постојаното следење. Денес тоа е опис на секој паметен телефон.

Секој пат кога некоја апликација ви одобрува или ви одбива кредит, кога картичката за превоз ве пушта низ рампата или кога алгоритмот одлучува што ќе видите на екранот, живеете во светот што Жил Делез го опиша во 1990 година. Францускиот филозоф, кој почина на 4 ноември 1995 година, го нарече општество на контрола. Неговиот текст има само неколку страници, но денес се цитира во расправите за вештачката интелигенција и дигиталниот надзор почесто отколку многу обемни книги.

Филозофот од Венсен

Делез е роден во Париз во 1925 година и важи за еден од најважните француски филозофи од втората половина на 20 век. Предавал на Универзитетот Париз VIII во Венсен, познат како лабораторија на левичарската мисла по мај 1968 година. Најпознатите книги ги напиша со психоаналитичарот Феликс Гатари: „Анти-Едип“ од 1972 година и „Илјада платоа“ од 1980 година, во кои го разви поимот ризом, мрежа без центар и без хиерархија. Почина во Париз на 70-годишна возраст.

Од затворени институции до постојано мерење

„Постскриптум за општествата на контрола“ беше објавен во 1990 година. Во него Делез се надоврзува на својот пријател Мишел Фуко, кој ги опиша дисциплинските општества на 19 и 20 век, во кои човекот преминува од една затворена институција во друга, од семејството во училиштето, од касарната во фабриката. Делез тврдеше дека тие ѕидови пропаѓаат и дека на нивно место доаѓа нешто пофлуидно и поефикасно. За контролата веќе не е потребно да бидете затворени во некој простор, доволно е постојано да бидете мерени.

Фабриката ја заменува корпорацијата, училиштето го заменува доживотното усовршување, а човекот станува збир од податоци што Делез го нарече дивидуа – нешто што може да се дели, споредува и продава. Клучот за пристап веќе не е потписот, туку лозинката.

Картичката што еден ден може да биде одбиена

Најпознатиот пример во текстот е идеја што Делез му ја припишува на Гатари. Тој замислил град во кој секој може да излезе од станот, од улицата или од квартот со електронска картичка, но истата картичка во одреден ден или час може да биде одбиена. Важна не е бариерата, туку компјутерот што во секој момент ја следи позицијата на секој поединец. Во 1990 година тоа звучеше како научна фантастика.

Американската социологинка Шошана Зубоф во 2019 година го воведе поимот надзорен капитализам за економија што заработува од предвидување на нашето однесување. Многу од нејзините тези се читаат како продолжение на Делез. Тој во истиот текст напиша дека маркетингот станува главен инструмент на социјалната контрола, а долгот – нејзина најтрајна форма.

Македонското искуство со надзорот


Македонското општество го искуси и постариот, груб облик на надзор. Аферата со незаконското прислушување, објавена во 2015 година, откри дека биле следени разговорите на над 20 илјади граѓани, од новинари до политичари. Но поголемиот дел од податоците за нас денес не ги собираат тајни служби, туку апликациите што доброволно ги инсталираме. Делез почина во годината кога „Амазон“ ја продаде својата прва книга преку интернет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс