Училиштата сакаат да забранат AI, Google возвраќа со укинување на пребарувачот

Технолошкиот гигант ги спои своите алгоритми со класичното пребарување, ставајќи ги образовните установи пред ултиматум.

Образовните институции што планираат целосно да ја исклучат вештачката интелигенција од наставата ризикуваат целосно да го изгубат пристапот до пребарувачот на Google. Компанијата објави нови правила за администрација на дигиталните алатки во училниците, но предупреди дека длабоката интеграција на вештачката интелигенција во системот оневозможува користење на класичното пребарување без новите AI опции, што веќе предизвика остри реакции кај образовните власти и градските управи во Соединетите Американски Држави.

Според новите правила што ги соопшти компанијата, производите што користат вештачка интелигенција, како асистентот Gemini, првично ќе бидат исклучени за сметките на учениците во основните и средните училишта. Ова значи промена на претходната пракса од август кога Gemini беше автоматски активен во платформата Google Classroom. Сега училишните администратори ќе мора рачно да ги вклучат овие функции доколку сакаат нивна примена.

Проблемот настанува доколку училиштето побара целосна забрана. Потпретседателот на одделот за образование во Google, Крис Филипс, за Њујорк Тајмс изјави дека пребарувачот и вештачката интелигенција денес се нераздвојно поврзани. Доколку некоја образовна институција одлучи целосно да ја блокира технологијата, учениците воопшто нема да можат да го користат Google како пребарувач и ќе добијат известување дека услугата е недостапна.

Училишните одбори во Њујорк и Лос Анџелес веќе воведоа строги забрани за користење алатки за генеративна вештачка интелигенција за повеќето ученици. Загриженоста кај наставниците и родителите доаѓа од ризикот од пасивизација на учениците, прекумерната изложеност на екрани и загрозувањето на приватноста на малолетниците.

Реакциите стигнаа и од политичките претставници. Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, јавно го критикуваше ваквиот потег на технолошкиот гигант, порачувајќи дека ниедна корпорација не смее да диктира како се образуваат децата во јавните училишта.


Компанијата најави дека во следните месеци ќе сподели дополнителни технички детали со училиштата пред новите правила официјално да стапат на сила, тврдејќи дека новите опции на пребарувачот ќе нудат водено учење чекор по чекор наместо инстант готови решенија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс