Лажна дојава за бомба на крузер во Грција: Евакуирани повеќе од 1.500 луѓе

На бродот „Краун Ирис“, кој требало да исплови од грчкиот остров Сирос кон израелска Хаифа, имало 940 патници и 597 членови на екипажот. По деталната проверка не бил пронајден експлозив.

Крузерот „Краун Ирис“, кој требало да исплови од грчкото пристаниште на островот Сирос кон Хаифа во Израел, бил евакуиран во вторникот по дојава за поставена бомба. Според информациите на грчкиот јавен сервис ЕРТ, дојавата се покажала како лажна.

Претресот на бродот е завршен, не е пронајден експлозив, а на патниците им било дозволено да се вратат на крузерот.

Евакуирани повеќе од 1.500 луѓе

На бродот, кој плови под панамско знаме, имало 940 патници и 597 членови на екипажот. Евакуацијата на вкупно 1.537 лица започнала нешто по 19 часот по локално време. Патниците биле сместени во простории обезбедени од општините Сирос и Ермуполи, каде што чекале да завршат безбедносните проверки.

Непознато лице преку радиоврска од типот ВХФ ја известило посадата дека на подводниот дел од бродот има експлозивна направа. Капетанот веднаш ги известил пристанишните власти, по што припадници на крајбрежната стража започнале претрес на крузерот. Во акцијата учествувале и приватен нуркач и куче обучено за откривање експлозиви, а на местото била испратена и специјална единица на крајбрежната стража.


При претресот не била пронајдена никаква експлозивна направа. По завршувањето на безбедносните проверки, на патниците им било дозволено повторно да се качат на крузерот. Дојавата за бомбата на бродот пристигнала истиот ден кога закани за поставени експлозивни направи добиле и најмалку седум авиони низ Европа. Заканите предизвикале застои во авиосообраќајот, но ниту во еден од тие случаи не бил пронајден експлозив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс