Капиштец не е само една од препознатливите скопски населби. Тој е простор во кој и денес може да се прочита една стара визија за тоа како треба да изгледа современиот град, со отворени површини, пешачки пасажи, зеленило и архитектура што не го затвора човекот меѓу зградите.

Името Капиштец се поврзува со „капиште“ – простор за паганско поклонение, а подоцна со христијански извори и манастир. Но, денешниот изглед на населбата е производ на сосема друга епоха, модернистичкото Скопје што почна да се гради по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Урбанистичкото решение за Капиштец го потпишува архитектот Драган Томовски во 1968 година. Тоа е период во кој Скопје се гради како град на иднината, со идеи што доаѓаат од домашни и странски архитекти и урбанисти, меѓу кои и тимови поврзани со Доксјадис, Полсервис и Кензо Танге.
Но, планот не станал веднаш реалност. Поминале повеќе од десет години пред зградите да почнат интензивно да се градат, главно во периодот од 1980 до 1985 година. Така постепено се формирала населбата со карактеристичната мрежа од трансверзали, пешачки простори, пасажи и отворени површини. Идејата била едноставна, но амбициозна: луѓето да не живеат само покрај улици и згради, туку меѓу нив да има простор за движење, дружење и зеленило.
Денес, повеќе од половина век подоцна, Капиштец е поинаков. Зградите се тука, но населбата се менува со генерациите. Некои простори се трансформираат, други добиваат нови содржини, а потребите на жителите стануваат поинакви од оние што ги предвидувале архитектите пред повеќе децении. Еден од најважните примери е Основното училиште „Киро Глигоров“, изградено во 2019 година, првото ново основно училиште во Општина Центар по пет децении.
Но, училиштето не е замислено како туѓо тело внесено во старата населба. Напротив, неговиот архитектонски концепт се обидува да разговара со она што веќе постои. Архитектот Бесиан Мехмети објаснува дека идејата била да се задржи зелената површина и да се создаде симбиоза меѓу училиштето и паркот. Објектот е организиран во три тракта средишен за заеднички наставни содржини и странични за учење. Со нивното поместување се отвораат визури, зеленилото влегува во објектот, а во средината се создава атриум.
Така училиштето не е само зграда во населбата. Тоа станува дел од нејзиниот јавен простор.

И токму тука можеби се гледа најинтересната приказна на Капиштец, способноста на една стара урбанистичка идеја да се приспособува на новото време.
Училиштето, како што вели Мехмети, од почеток било замислено како флексибилен простор што може да се менува заедно со потребите на учениците и општеството. Идејата била да не биде отворено само во текот на наставата, туку и надвор од училишната година, со можност за нови програми и содржини.
Тоа е всушност истата логика што го обликувала и Капиштец просторот да не биде само функција, туку да создава живот. Денес, предизвикот е како таа логика да се зачува во населба која постојано се менува.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека Капиштец е пример за квалитетно урбанистичко планирање и дека целта е да се зачува она што било добро направено, но истовремено просторот да се приспособи на современото живеење. Зеленилото, детските катчиња, урбаната опрема и пешачките површини денес се дел од напорите населбата повторно да добие простор за живот, а не само простор за домување.

И можеби токму тоа е најголемото наследство на Капиштец.
Архитектурата старее. Потребите се менуваат. Генерациите си заминуваат и доаѓаат нови. Но добриот урбанистички план може да продолжи да функционира и по половина век, ако просторот се чува и внимателно се надградува. Капиштец затоа не е само приказна за старите згради. Тоа е приказна за едно Скопје кое некогаш верувало дека градот треба да им припаѓа и на луѓето, а не само на автомобилите и зградите.
И можеби најважното прашање денес не е како Капиштец ќе изгледа во иднина, туку дали ќе успееме да ја зачуваме идејата поради која бил создаден.