Димевски: „Таранто не треба да биде само уште една страница во статистиката, туку почеток на нов циклус“

130 учесници, 88 спортисти и 19 спортови: Даниел Димевски открива што Таранто 2026 може да значи за иднината на македонскиот спорт.

Македонија во Таранто ќе настапи со околу 130 учесници, од кои 88 спортисти во 19 спортови – најбројната македонска делегација досега на Медитеранските игри. Но, зад рекордната бројка се отвора многу поголемото прашање: дали Македонија конечно може да изгради спортски систем кој нема да зависи само од исклучителниот талент и индивидуалниот успех на поединци?

Во пресрет на Медитеранските игри Таранто 2026, разговараме со претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, за новата генерација македонски спортисти, четирите екипни спортови во делегацијата, патот кон Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 и предизвикот најголемите успеси да не бидат исклучоци, туку резултат на систем.

Македонија досега има освоено 14 медали на Медитеранските игри – три златни, две сребрени и девет бронзени, но сите во индивидуални спортови. Димевски смета дека токму ширењето на спортската база, инвестициите во младите, тренерите, инфраструктурата, спортската наука и медицинската поддршка се клучот за следниот чекор.

За него, Таранто не е само борба за медали, туку можност да се постави темел за нов циклус во македонскиот спорт – циклус во кој шампионите нема да зависат од случајноста, туку од систем што ќе им помогне на талентите да го достигнат својот максимум.

Трн: Македонија во Таранто ќе настапи со околу 130 учесници, најбројна делегација досега. Дали е ова рекордна бројка?

Даниел: Да, според бројот на учесници македонска делегација во Таранто 2026 ќе биде најголема што досега сме ја имале на Медитеранските игри. Но, мислам дека е важно да не застанеме само на бројката. Вистинската вредност е во тоа што таа бројка ја одразува ширината на македонскиот спорт денес.

Имаме околу 130 учесници, 88 спортисти кои ќе настапат во 19 спортови, имаме четири екипни спортови и значаен број млади спортисти. Тоа е многу повеќе од статистика. Тоа е показател дека спортската база се проширува и дека постепено создаваме поширока платформа од која во иднина можат да произлезат нови шампиони.

Трн: Ќе се настапи во 19 спортови, но за првпат особено се издвојува присуството во четири екипни спортови. Дали токму ова е еден од најважните показатели дека спортот кај нас се шири надвор од традиционално успешните индивидуални дисциплини?

Даниел: скако. Индивидуалните спортови се дел од нашата спортска традиција и горди сме на резултатите што ги имаме постигнато таму. Но, силен спортски систем не може да се гради на неколку индивидуални дисциплини. Неговата сила се гледа и во ширината.
Затоа присуството во четири екипни спортови е особено значаен сигнал. Екипниот спорт бара силни клубови, квалитетен тренерски кадар и развој на младинските категории. Тоа значи дека зад еден настап стои голема спортска структура.
И токму тоа е насоката во која треба да продолжиме.

Трн: Ако ги погледнеме досегашните Медитерански игри, Македонија има 14 медали – три златни, две сребрени и девет бронзени. Но сите се освоени во индивидуални спортови. Зошто толку тешко успеваме да направиме резултат во екипните спортови?

Даниел: Екипниот спорт е веројатно најдобриот пример за тоа зошто спортскиот успех не може да се гради само врз талент. За еден поединец, талентот може да биде почетната точка. За еден тим, потребен е систем.
Но, не би требало да го гледаме ова како слабост, туку како голем простор за развој. Имаме потенцијал и спортска традиција. Задача на сите е тој потенцијал да го претвориме во одржлив систем.

Трн: Како претседател на МОК, што гледате како најголем предизвик за да не останеме само на поединечни успеси, туку да создадеме систем кој континуирано ќе произведува врвни македонски спортисти?

Даниел: Најголемиот предизвик е да создадеме средина во која талентот ќе има системска поддршка.
Не можеме и не треба да очекуваме секоја генерација да има спортист кој со исклучителен личен напор ќе го надомести она што системот не го обезбедил. Нашата амбиција мора да биде токму спротивното, системот да му помогне на талентот да го достигне својот максимум.
Тоа подразбира инвестиција во младите, тренерите, инфраструктурата, спортската наука, медицинската поддршка и, можеби најважно, создавање јасен пат од младински до врвен спорт.

МОК има одговорност да биде еден од двигателите на тој процес. Сите чинители заедно можеме да создадеме услови во кои медалите ќе имаат поголема веројатност да се случуваат и, уште поважно, да не зависат од случајноста.

Трн: Медитеранските игри често се сметаат за важна отскочна даска кон Олимписките игри. Колку Таранто може да биде токму тоа за македонските спортисти?

Даниел: Медитеранските игри се натпревар на високо ниво, но во исто време се и исклучително важно искуство за спортистите кои го градат својот пат кон најголемата спортска сцена. Тука не се учи само како да се натпреваруваш. Се учи како да функционираш во голема делегација, како да се справиш со притисокот, со конкуренцијата, со очекувањата и со целата атмосфера што ја носи еден многу голем мултиспортски настан. Затоа Таранто 2026 го гледам како дел од еден поширок олимписки пат, а не како цел сама по себе.

Трн: Дали од оваа делегација очекувате да произлезат идни олимпијци или веќе имаме спортисти кои во Таранто ќе влезат со амбиција за настап на ЛОИ?

Даниел: Меѓу овие 88 спортисти има такви кои во следниот период ќе го трасираат својот пат кон Лос Анџелес 2028. Некои од нив веќе се на тој пат, а за други Таранто 2026 може да биде важен чекор во нивното созревање како врвни спортисти. Но, би бил внимателен со етикетирањето на младите спортисти како „идни олимпијци“. Тие треба да имаат амбиција, но и простор да се развиваат без непотребен притисок. Нашата работа е да им дадеме можност. Тие со својата работа, дисциплина и резултати ќе го определат следниот чекор.

Трн: Трите златни медали досега ги освоија спортисти кои вложија години во индивидуални дисциплини. Што можеме да научиме од нивните кариери кога станува збор за создавање нови шампиони?

Даниел: Од нивните кариери можеме да научиме нешто многу поважно од самото освојување на медал, можеме да научиме што значи континуитет. Ниту еден врвен резултат не е производ на еден ден, една трка или еден натпревар. Зад него стојат години работа, дисциплина, одрекување, доверба меѓу спортистот и тренерот и способност да се истрае и тогаш кога резултатите не доаѓаат веднаш. Тоа е наследството што треба да го пренесеме на новите генерации. Не само да им покажеме кој освоил медал, туку да им покажеме како се стигнува до него.

Трн: Во делегацијата има и многу млади спортисти. Дали Таранто го гледате и како инвестиција во иднината на македонскиот спорт?

Даниел: Несомнено. Ако гледаме стратешки, највредниот резултат од еден ваков настап можеби нема да биде видлив веднаш на табелата со медали. Ќе биде видлив по неколку години, кога некој млад спортист кој денес за првпат почувствувал атмосфера на голем мултиспортски настан ќе се врати посилен, поискусен и со многу поголема верба во сопствените можности. Затоа младите не ги гледаме само како учесници во Таранто. Ги гледаме како дел од иднината на македонскиот спорт.

Тен: Дали веќе забележувате нова генерација спортисти која може да ја продолжи успешната приказна на Јакупи, Нуров, Георгиевски и останатите медалисти?

Даниел: Да, и тоа е нешто што со големо внимание го следиме. Имаме млади спортисти со квалитет, потенцијал и амбиција. Но, би сакал да направиме една важна разлика: не треба да се обидуваме да создадеме „нов Јакупи“, „нов Нуров“ или „нов Георгиевски“. Треба да создадеме услови секој млад спортист да стане најдобрата верзија од себе. Нашите шампиони треба да бидат инспирација, а не споредба. Нивното искуство е патоказ за новите генерации, но секоја нова генерација треба да напише сопствена приказна.

Трн: Која е најважната порака што сакате македонските спортисти да ја понесат со себе во Таранто, пред да излезат на теренот?

Даниел: Да излезат со самодоверба. Да знаат дека зад нив стои една земја која верува во нив и дека се таму затоа што со својата работа го заслужиле тоа место. Не би сакал да им поставувам таргет во форма на број на медали. Сакам таргетот да биде нивниот максимум. Ако на крајот од натпреварот можат искрено да кажат „го дадовме најдоброто од себе“, тогаш ќе знаеме дека ја завршиле својата работа.

Трн: Ако Таранто 2026 треба да биде ново поглавје во македонската медитеранска спортска приказна, каков би сакале да биде резултатот од ова поглавје за македонскиот спорт?

Даниел: Би сакал Таранто да биде почеток на нов циклус, а не само уште една страница во статистиката. Да не зборуваме само за тоа колку медали освоивме, туку колку млади спортисти добија искуство, колку таленти препознавме, колку нови можности отворивме и колку чекори направивме кон посилен спортски систем.

Ако по Таранто успееме да продолжиме со истиот ентузијазам, но и со уште поголема системска поддршка, тогаш верувам дека вистинските резултати ќе ги гледаме и во годините што следуваат. Нашата цел не е само Македонија да има успешни спортисти. Нашата цел е да создадеме спортска средина која континуирано ќе создава успешни генерации. И ако Таранто 2026 биде една од етапите на тој пат, тогаш ќе можеме да кажеме дека ова поглавје навистина имало значење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс