Полска наскоро би можела да има најголема армија во Европа, најави премиерот Доналд Туск на одбележувањето на Денот на полската армија во Гдиња. Пред воените бродови во Балтичкото Море, Туск порача дека Полска не сака нова војна, но дека мирот може да го зачува само држава која е силна, подготвена и способна самостојно да ги брани своите граници.
„Нашата армија, нашите вооружени сили, наскоро ќе бидат најголеми во Европа“, изјави Туск.
Најавата доаѓа во време кога Варшава спроведува една од најголемите воени модернизации на континентот.
Армија од 500.000 луѓе
Полска го развива планот „Армија 500 илјади“, кој предвидува околу 300.000 професионални припадници и членови на територијалната одбрана, плус уште 200.000 резервисти со висока готовност. Целта е системот постепено да биде изграден до крајот на оваа деценија. Покрај зголемувањето на бројноста, Варшава вложува огромни средства во модерно вооружување.
За 2026 година Полска предвидела околу 200,1 милијарда злоти за одбрана, што претставува околу 4,81 отсто од БДП.
Полска купува и 96 Apache хеликоптери
Еден од најголемите договори е набавката на 96 американски борбени хеликоптери Apache AH-64E, вредна околу 10,8 милијарди долари. Со ова Полска би станала втор најголем корисник на Apache хеликоптери во светот, по САД.
Туск неодамна најави и изградба на голем сервисен центар за овие хеликоптери во Полска. Центарот би требало да ги одржува сите 96 летала, а проектот се очекува да донесе и трансфер на технологии и нови работни места.
„Источниот штит“ кон Русија и Белорусија
Полската стратегија не се ограничува само на вооружувањето. На источната граница со Белорусија и Русија, Варшава го развива проектот „Источен штит“ – систем на утврдувања, инфраструктура и други одбранбени мерки.
Според Туск, засиленото вооружување е директно поврзано со безбедносната ситуација по руската инвазија врз Украина и со позицијата на Полска на источниот раб на НАТО и Европската Унија.
„Силата спречува војна“, порача Туск, образложувајќи ја политиката на Варшава како начин за спречување, а не за предизвикување конфликт. На прославата во Гдиња учествуваа околу 20 полски и сојузнички воени бродови, додека над Балтичкото Море прелетаа полски и сојузнички воени авиони.