Дунав пресушува, Унгарија потопува баржи за да ја спаси нуклеарната централа Пакш

Поради нискиот водостој на Дунав, Унгарија започна контролирано потопување баржи и изградба на подводна брана за да обезбеди доволно вода за ладење на нуклеарната централа Пакш.

Унгарија започна необична операција на Дунав – контролирано потопување баржи и поставување камени и бетонски конструкции во коритото на реката, со цел да се подигне нивото на водата и да се спречи прекин на работата на нуклеарната централа Пакш. Поради нискиот водостој, централата се соочува со проблем со обезбедувањето доволно вода за системот за ладење.

Во операцијата се ангажирани повеќе од 130 луѓе, меѓу кои речиси 50 се од секторот за управување со водите.

Се гради подводна брана

На најкритичните делови од речното корито се поставуваат бетонски блокови и камен со цел да се стабилизира дното и да се подигне нивото на водата возводно од централата. Според планот, прво треба да бидат поставени околу 35.000 кубни метри камен, за што е предвиден период од 30 дена. Потоа ќе следи дополнително поставување на уште 110.000 кубни метри, со цел конструкцијата да се стабилизира.

Речното корито се контролира на секои два часа за да се следи евентуалната ерозија.

Потопените баржи веќе го подигнаа нивото

Баржите се стабилизирани со сидра тешки по пет тони, а со челични сајли се прицврстени за шипови кои се забиени осум метри во дното на реката. По поставувањето на првата баржа, за само еден час била измерена разлика во нивото на водата од околу четири сантиметри меѓу деловите на реката возводно и низводно. До утрото разликата се зголемила на седум до осум сантиметри.

Во случај на поместување, во готовност се и тегљачи кои треба дополнително да ги стабилизираат баржите.

Пакш мора да добие уште 25 сантиметри вода

За нуклеарната централа да работи со 100 проценти од капацитетот, потребно е нивото на водата во каналот за довод на вода за ладење да се зголеми за уште околу 25 сантиметри. Повторното вклучување на третиот и првиот реакторски блок ќе започне откако ќе биде потврдено дека подводната брана успешно го подигнува и стабилизира нивото на водата.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека би било неодговорно во овој момент да се прогнозира точниот датум кога Пакш повторно ќе може да работи со полн капацитет.

Се очекуваат илјадници тони камен

Транспортот на материјалот во моментов е едно од главните ограничувања на операцијата. Во текот на вчерашниот ден биле доставени околу 1.600 тони камен, а за денеска се очекуваат уште 5.000 тони. На теренот непрекинато сообраќаат меѓу 80 и 100 камиони, кои го транспортираат материјалот од каменоломите до локациите покрај Дунав.

Според надлежните, досега се пристигнати 176 понуди за помош во операцијата.

Подводната брана е проектирана за проток на Дунав од 600 кубни метри вода во секунда. На 3 август бил измерен најнискиот досега регистриран проток, од 713 кубни метри во секунда. Надлежните сега се обидуваат со инженерски зафат да го зголемат нивото на реката доволно за да се обезбеди стабилно ладење и да се избегне подолг прекин во работата на нуклеарната централа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс