Есента 1944 година Македонија живеела меѓу два света. Германските сили се повлекувале, градовите еден по друг се ослободувале, а новата власт, формирана на Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август во манастирот „Прохор Пчињски“, веќе градела институции. На тоа заседание македонскиот јазик беше прогласен за официјален, што значеше дека образованието повеќе нема да се одвива на јазик туѓ за децата, како во претходните децении.
Одлуката од 3 ноември 1944 година ја донесе Президиумот на АСНОМ, по предлог на Поверенството за просвета, на чие чело беше Епаминонда Попандонов. Гимназии требало да се отворат во Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Велес и Охрид. Највпечатлив е моментот дека одлуката е донесена за некои од градовите кои сè уште не биле ослободени, меѓу нив и Скопје, кое беше ослободено дури на 13 ноември. Образованието се планирало паралелно со завршните борби.
Условите билеречиси невозможни. Немало учебници на македонски јазик, бидејќи стандардната азбука била донесена дури во мај 1945 година, а правописот неколку недели подоцна. Наставата често се одвивала според белешки на наставниците, во згради оштетени од војната, без огрев, клупи и основен прибор. Недостигале и кадри, па во наставата влегувале учители што и самите го учеле литературниот јазик додека предавале.
Паралелно со отворањето на гимназиите, новата власт водела и битка со неписменоста. Уште во септември 1944 година Поверенството за просвета организирало аналфабетски курсеви, бидејќи значителен дел од населението, особено жените на село, не знаело да чита и да пишува. Гимназиите и курсевите биле два крака на истата идеја: создавање писмен народ што ќе може да ја гради сопствената држава.
Од тие први гимназиски генерации произлегле кадрите за следниот чекор. Во 1946 година беше основан Филозофскиот факултет во Скопје, а во 1949 година и Универзитетот, со што младите од Македонија за првпат можеа да добијат високо образование во својата земја и на својот јазик. Многу од подоцнежните научници, писатели, лекари и инженери своето образование го започнаа токму во клупите на училиштата отворени со одлуката од ноември 1944 година.
Осум децении подоцна, мрежата на средни училишта е густа, но предизвиците се поинакви. Намалувањето на бројот на ученици, иселувањето на младите, постојаните реформи на наставните програми и долгогодишните дебати за квалитетот на образованието го ставаат системот пред прашања што се различни, но не помалку сериозни од оние во 1944 година. Тогашната генерација покажа дека образованието може да биде приоритет и кога нема речиси ништо. Денешната треба да покаже дека може да остане приоритет и кога има сè.
