Ана Винтур полни 77 години: Која е жената зад темните очила што со децении одлучуваше што ќе носи светот

Ана Винтур, која денеска полни 77 години, речиси четири децении беше главна уредничка на американскиот „Вог“ и најмоќниот глас во модната индустрија. Иако во 2025 година се повлече од оваа функција, и понатаму раководи со глобалниот „Вог“ и со уредувачките содржини на целата издавачка куќа „Конде Наст“.

Ана Винтур е родена на 3 ноември 1949 година во Лондон, во семејство во кое новинарството било дел од секојдневието. Нејзиниот татко, Чарлс Винтур, бил уредник на лондонскиот „Ивнинг стандард“, а таа го напуштила училиштето на шеснаесет години за да работи во модниот бутик „Биба“, еден од симболите на лондонските шеесетти години. Наместо факултет, ја избрала редакцијата, а првите чекори ги направила во британските модни списанија.

Патот до врвот не бил без падови. Во Њујорк пристигнала во средината на седумдесеттите години, но од „Харперс базар“ била отпуштена по само девет месеци, со образложение дека нејзините фотосесии биле премногу радикални за списанието. Во „Вог“ дошла во 1983 година како прва креативна директорка, од 1985 до 1987 година го водела британскиот „Вог“, а во 1988 година ја презела американската верзија, на чие чело останала цели 37 години.

Уште нејзината прва насловна страница, од ноември 1988 година, најавила промена. На неа израелската манекенка Микаела Берку носела фармерки од масовен бренд, комбинирани со скапа јакна од модна куќа, а била фотографирана на улица, наместо во студио. Винтур подоцна ги заменила манекенките со холивудски ѕвезди на насловните страници и ја поврзала модата со филмот, музиката, спортот и политиката. Под нејзино водство, балот Мет гала, со кој раководи од 1995 година, прераснал во најгледаниот моден настан во светот и во механизам за собирање стотици милиони долари за Институтот за костими при њујоршкиот музеј Метрополитен, чиј центар денес го носи нејзиното име.

Нејзината моќ станала и дел од популарната култура. Романот „Ѓаволот носи Прада“, напишан од нејзина поранешна асистентка, и истоимениот филм со Мерил Стрип во улогата на ладната и неумолива уредничка, во свеста на публиката цврсто го поврзаа ликот на Винтур со митот за безмилосната шефица. Документарецот „Септемвриското издание“ од 2009 година ја прикажа одблиску, покажувајќи како со еден поглед одлучува за судбината на цели колекции.

Критиките никогаш не изостанаа. Со години ѝ се забележуваше дека „Вог“ промовира тесни стандарди за убавина и изглед на телото и дека модниот свет под нејзина палка останал затворен за многумина. Во 2020 година, во интерен допис до вработените, и самата призна дека списанието не им давало доволно простор на црните уредници, автори и фотографи, како и дека објавувало содржини што биле навредливи.


Во јуни 2025 година Винтур ја напушти функцијата главна уредничка на американскиот „Вог“, а самата титула беше укината и заменета со позицијата раководител на уредничката содржина. Тоа не значеше пензионирање. Таа остана глобална уредувачка директорка на „Вог“ и главна одговорна за содржините на „Конде Наст“, што значи дека темните очила и понатаму се во првиот ред, само на уште повисока позиција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс