Иако нивото на шеќер во крвта зависи од многу фактори, исхраната игра значајна улога, од тоа што јадеме, до кога јадеме и во кои количини. Кога редовно се јадат намирници богати со рафинирани јаглехидрати и додаден шеќер, а сиромашни со влакна, протеини и масти, гликозата во крвта побрзо расте. Избалансираните оброци со влакна, протеини и здрави масти, пак, придонесуваат за постабилно ниво на шеќер.
Важна е комбинацијата на намирници во еден оброк и целокупните прехранбени навики, но одредени намирници влијаат различно врз шеќерот. Затоа нутриционистите на американскиот портал EatingWell споредија две вообичаени намирници за појадок, свежото сирење со намалени масти и обичниот грчки јогурт со намалени масти. Целта беше да се утврди кое од нив е подобар избор за контрола на шеќерот во крвта.
Свежото сирење последниве години е многу популарно, бидејќи одговара и за солени и за слатки јадења. Една шолја обично свежо сирење со два отсто млечна маст содржи 23 грама протеини и е одличен извор на витамин Б12 и фосфор, како и добар извор на селен и рибофлавин. Мастите што ги содржи го забавуваат празнењето на желудникот, па храната подолго се задржува во него, а гликозата побавно влегува во крвта.
Протеините исто така влијаат врз начинот на кој организмот ги обработува јаглехидратите, бидејќи учествуваат во лачењето на инсулинот и глукагонот, два хормони што заедно го одржуваат шеќерот стабилен. Свежото сирење содржи казеин, протеин што бавно се вари и кој, според истражувањата кај животни и луѓе, може благо да ја намали гликозата во крвта. Се претпоставува дека тоа се случува затоа што казеинот ги поттикнува мускулите да ја впиваат гликозата, а бавното варење ја намалува и потребата од инсулин.
Една шолја обичен грчки јогурт со намалени масти исто така содржи 23 грама протеини, како и калциум, калиум, фосфор, витамин Б12 и селен. Комбиниран со намирници богати со влакна, како овошје или мусли од интегрални житарки, тој може да го забави растот на шеќерот по јадењето и да го продолжи чувството на ситост. За разлика од јаглехидратите, кои при варењето се разградуваат на гликоза, протеините му помагаат на организмот да го регулира шеќерот по оброкот.
Грчкиот јогурт содржи и пробиотици, кои најчесто се поврзуваат со здравјето на цревата, но може да имаат улога и во регулирањето на гликозата. Една метаанализа покажала дека пробиотиците го намалиле шеќерот и инсулинот наутро на празен стомак, но главно кај луѓе со предијабетес или дијабетес тип 2. Пробиотиците ги поттикнуваат цревата да создаваат кратколанчести масни киселини, кои влијаат врз хормоните поврзани со гликозата и врз чувствителноста на инсулин, а можат да ги намалат и воспаленијата, иако се потребни дополнителни истражувања.
Двете намирници имаат слична хранлива вредност, со малку јаглехидрати и многу протеини, и се достапни во варијанти од немасни до полномасни. Сепак, грчкиот јогурт има мала предност затоа што почесто содржи пробиотици, кои некои производители ги додаваат и во свежото сирење, но многу поретко. Затоа при купување вреди на декларацијата да се побара ознаката „живи и активни култури“.
Нутриционистите советуваат да се избираат обични, незасладени производи, кои можат да бидат основа за поздрав оброк. На нив може да се додаде овошје, мусли од интегрални житарки или семки за повеќе влакна, кои дополнително помагаат во регулирањето на шеќерот. Важно е да се внимава и на големината на порциите, бидејќи и премногу здрава храна може да го наруши балансот.
