Која е ќената која е постојано до Трамп? Била и во тајниот авион што го напушти Турција

Која е Натали Харп, блиската соработничка на Трамп? Таа му носи испечатени вести, ги објавува неговите пораки, а била и во тајниот авион со кој Трамп ја напуштил Турција.
EPA images

Сè поголемо внимание во американската јавност привлекува Натали Харп, 35-годишна блиска соработничка на американскиот претседател Доналд Трамп, која во последните денови повторно се најде во центарот на политичкото внимание. Харп официјално е специјална и извршна асистентка на претседателот, а често може да се види во непосредна близина на Трамп. Ја опишуваат како една од неговите најлојални соработнички.

Една од нејзините задачи е на Трамп брзо да му доставува испечатени позитивни вести за него. За време на претседателската кампања во 2024 година дури го добила прекарот „човечки печатач“, бидејќи со себе носела пренослив печатач за да му доставува вести и објави на хартија.

Трамп често претпочита да чита печатени копии од објави на социјалните мрежи и вести, наместо да ги гледа на екран.

Трамп: „Таа никогаш нема да ме остави“

Харп започнала да работи во Белата куќа во јануари 2025 година, кога Трамп повторно ја презел функцијата претседател. Нејзината лојалност кон Трамп одамна е забележана. Во книгата „Regime Change“, новинарите на New York Times, Меги Хаберман и Џонатан Свон, пишуваат дека Трамп за Харп им рекол на свои соработници:

„Сите вие ќе си заминете и ќе заработувате пари. Таа никогаш нема да ме остави.“

Во последните денови нејзината улога јавно ја истакна и демократскиот сенатор од Џорџија, Џон Ософ, кој на предизборен митинг рече дека Трамп повеќе сака „да ја гради својата сала и да патува со Натали“, наместо да се посвети на својата работа. Коментарот предизвика жестока реакција од Белата куќа.

Особено внимание привлече информацијата дека Харп била меѓу малкуте соработници кои во јули заедно со Трамп ја напуштиле Турција во таен авион. Според CBS News, групата најпрво била пренесена со камион за достава на храна, а потоа се качила во тајниот авион.

Според извори цитирани од медиумот, американската Тајна служба го употребила овој маневар поради разузнавачки информации за можна иранска завера за ракетен напад врз авионот на Трамп при неговото заминување од Анкара.

На летот, освен Трамп, биле и министерот за одбрана Пит Хегсет, како и соработниците на Белата куќа Волт Ноута и Ден Скавино. Дел од клучните членови на администрацијата останале во друг, мамечки авион, заедно со останатиот персонал и новинарите.

Од телевизиска водителка до Белата куќа

Пред да стане дел од тимот на Трамп, Харп работела во One America News Network, про-Трамп телевизиска мрежа. Во 2020 и 2021 година таму водела емисија и често ги повторувала, без докази, тврдењата на Трамп дека победил на претседателските избори во 2020 година.

На Републиканската национална конвенција во 2020 година одржала говор во кој го пофали Трамп за потпишувањето на федералниот закон „Right to Try“, кој им овозможува на одредени пациенти со тешки заболувања пристап до експериментални терапии. Харп, која преживеала рак на коските, тогаш изјавила дека Трамп ѝ го спасил животот.

Сепак, Washington Post подоцна објавил дека Харп во друга прилика рекла дека била лекувана со имунотерапија одобрена од американската Агенција за храна и лекови, но применета надвор од одобрените индикации. Таквиот третман не би барал користење на „Right to Try“, бидејќи лекот веќе бил одобрен за други намени.

Меѓу најдоверливите луѓе на Трамп

Харп во моментов е една од најблиските луѓе до американскиот претседател, а нејзината улога е многу поширока од класична административна асистенција. Таа му ги подготвува и објавува објавите на Truth Social, му носи вести во печатена форма и е постојано присутна во неговото опкружување.

Токму затоа нејзиното присуство во тајниот авион од Турција, во момент кога безбедносните служби стравувале од можен напад врз Трамп, повторно го привлече вниманието кон жената која долго време работеше во сенка на американскиот претседател.

е-Трн да боцка во твојот инбокс