Голем шумски пожар во тешко пристапниот планински предел над селото Локвица во Општина Македонски Брод вчера беше ставен под контрола по здружена воздушна и копнена акција. Во справувањето со огнената стихија, која се движеше во правец кон резерватот „Јасен“, беа ангажирани 25 доброволни пожарникари и петмина оперативци на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), со поддршка од три авиони „Ер-трактор“ и хеликоптер на МВР.
Борбата со огнот над селото Локвица се одвиваше во исклучително тешки услови поради непристапниот терен и густата вегетација. За да се зголеми ефикасноста на воздухопловите и да се скрати времето за повторно дејство, на теренот беше поставен монтажен базен за вода. Оваа тактичка одлука му овозможи на хеликоптерот на МВР да полни вода на секои три до четири минути директно во близина на пожарот, со што значајно се забрза процесот на исфрлање водни бомби врз критичните точки.
Благодарение на координираниот притисок од воздух и земја, повеќе краци на пожарот беа целосно изгаснати, а главниот огнен фронт беше ставен под контрола до доцните попладневни часови. Од Дирекцијата за заштита и спасување информираа дека ситуацијата е стабилизирана, но нагласија дека утринското извидување на теренот ќе даде попрецизна слика за состојбата и за евентуални преостанати подземни или мали огништа.