Илегалниот отпад стана трет најпрофитабилен бизнис во светот, балканските дупки во законите се мета

Истрагите на Еуропол и УНОДЦ откриваат како организирани мрежи преку легални фирми и благи казни го носат западното ѓубре во источните земји во Европа.
Фото: Pexels

Криминалните мрежи во Европската Унија сè почесто го пренасочуваат илегалниот и опасен отпад од западна кон средна и источна Европа, користејќи ги слабите законски регулативи и благите затворски казни. Последната анализа на Еуропол и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ) покажува дека илегалната трговија со отпад се искачи на третото место по профитабилност во глобалниот криминал, веднаш зад трговијата со дрога и фалсификувањето, носејќи профити од милијарди евра.

Еколошкиот криминал сè поретко се одвива преку класични подземни канали. Наодите на Еуропол покажуваат дека криминалните мрежи користат регистрирани компании за господарство со отпад како параван за илегални операции. Овие фирми брзо се отвораат и затвораат, ги менуваат трговските рути и користите фалсификувана документација за да ги занемарат регулаторните проверки. Преку корупција, изнуда и перење пари, опасниот материјал се меша со обичен отпад и се транспортира преку границите без соодветни дозволи.

Главен мотив за префрлање на отпадот од регионите со висок приход кон посиромашните земји е економската пресметка. Трошоците за илегално одлагање или спалување се драстично пониски од легалните процедури за преработка. Дополнително, престапниците намерно ги избираат државите каде што предвидените санции за еколошки криминал се занемарливи во споредба со заработката. Во голем дел од земјите во регионот, основните казни за загрозување на животната средина се движат до две или три години затвор, што за организираните групи претставува низок ризик за огромна добивка.

Податоците од терен покажуваат ескалација на овој проблем. Само во изминатата година, инспекциските служби во Хрватска откриле 955 незаконски пратки со отпад со вкупна маса од над 18.000 тони, што е зголемување за речиси дваесет пати во споредба со претходниот период.

Најголем дел од илегалниот товар го сочинуваат пластика, гума и хемиски остатоци кои влегуваат од земји како Италија, Словенија и Германија, лажно декларирани како неопасен материјал. Случаите со илегално депонирање опасен отпад веќе предизвикуваат вонредни политички и безбедносни кризи во соседството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс