Хрватската Влада предложи измени на Законот за пазар на електрична енергија со кои се воведува забрана за исклучување на струјата на ранливите потрошувачи и лицата погодени од енергетска сиромаштија.
Предлогот е доставен во собраниска процедура, а целта е дополнително да се заштитат граѓаните кои имаат најголеми тешкотии со плаќањето на сметките.
Според најавените измени, снабдувачите ќе мора навреме да ги предупредат потрошувачите доколку забележат невообичаено зголемување на потрошувачката. Ќе треба да понудат и флексибилни планови за отплата на долговите, совети за управување со долгот, како и информации за правата на потрошувачите.
Предвидена е и можност за пристап до финансирање, вредносни купони или субвенции кои би помогнале при плаќањето на сметките. Дополнително, на корисниците ќе треба да им бидат понудени различни модели на договори, во зависност од нивните потреби и околности.
„Со законот дополнително ја зајакнуваме заштитата на потрошувачите на електрична енергија“, изјави хрватскиот министер за економија Анте Шушњар.
Извор: МИА