Руските власти се соочуваат со сè поголем дефицит на воена сила на бојиштето во Украина, каде што бројот на доброволци значително опаѓа и покрај високите финансиски надоместоци што ги нуди Москва. Со месечни загуби од над 30.000 загинати и ранети војници, Кремљ повторно се наоѓа пред сложена одлука дали да прогласи нова мобилизација или да продолжи со принудно регрутирање преку социјалните мрежи и притисок врз затворениците и странските работници.
Во изминатите години Москва успеа да мобилизира околу 1,3 милиони војници преку финансиски стимулации и краткорочни договори. На мажите од посиромашните региони им се нудеа високи почетни бонуси и месечни плати што значително ги надминуваат просечните локални примања, а за семејствата на загинатите беа ветени високи отштети.
Сепак, високата стапка на смртност и вестите од фронтот го намалија одѕивот. Организациите за заштита на човековите права во Русија наведуваат дека дури и за исклучително високи суми, сè потешко се наоѓаат луѓе кои се подготвени да заминат на боиштето.
За да ги пополни празните места без формална наредба за мобилизација, воениот апарат користи прекумерни притисоци врз одредени групи. Млади мажи што ја отслужуваат редовната воена служба се соочуваат со уцени и принуда да потпишат професионални договори со армијата.
Паралелно со тоа, регрутерите активно пребаруваат социјални мрежи, нудат договори на затвореници во затворите и ги таргетираат мигрантите од Централна Азија на кои им се заканува депортација доколку одбијат воена служба.
Последната официјална мобилизација Владимир Путин ја објави во септември 2022 година, кога беа повикани околу 300.000 резервисти. Таа одлука предизвика масовен одлив на млади луѓе од земјата и бран на незадоволство меѓу населението.
Поради тоа, властите во Москва со месеци одбегнуваат нова формална мобилизација. Сепак, аналитичарите укажуваат дека доколку интензитетот на борбите продолжи со истото темпо, Кремљ ќе мора да донесе одлука меѓу прекин на офанзивните дејства или прогласување нова непопуларна воена обврска.