Камп фест во Крани ги спојува музиката, кампувањето и еко-акцијата за Преспа

На 15 и 16 август автокампот Крани ќе биде домаќин на Камп фестот Преспа 2026, каде забавата и авантурата се спојуваат со еко-акција.

Плажата „Сончев брег“ во автокампот Крани на 15 и 16 август повторно ќе стане збирно место за љубителите на природата, кампувањето и добрата музика. Настанот „Камп фест Преспа 2026“ нуди бесплатна камп-зона, забавна програма и еко-акција за чистење на крајбрежјето, проследена со велосипедска тура. Оваа иницијатива го промовира одржливиот туризам и заштитата на Преспанското Езеро.

Фестивалот започнува во сабота, на 15 август, со пристигнување и пријавување на учесниците од 14:00 часот на плажата „Сончев брег“. Организаторите обезбедуваат бесплатен простор за поставување шатори, тоалети, отворени тушеви и паркинг за возилата.

Музичкиот дел и забавата започнуваат од 19:00 часот и ќе траат до полноќ. Посетителите треба да понесат сопствена опрема за кампување, а на самата локација се обезбедени храна и пијалоци по пристапни цени, со можност за користење на продавницата и ресторанот во автокампот.

Неделното утро на 16 август е резервирано за еколошките активности. Програмата започнува во 09:00 часот со едукативна проекција на документарен филм, по што од 10:00 до 11:00 часот следува организирана акција за чистење на плажата, за која опремата е целосно обезбедена од организаторите.

По завршувањето на чистењето, од 11:00 часот ќе се одржи промотивна еко-тура со електрични велосипеди по патеката што ги поврзува Крани и Претор. Попладневните часови се предвидени за продолжување на музичката програма и дружењето крај езерскиот брег.

Камп фест Преспа 2026 го организираат здружението Еко герила Преспа и Институтот за комуникациски студии. Настанот е дел од пошироката кампања за управување со отпад под мотото „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која финансиски е поддржана од Европската унија.

Основната цел на фестивалот е да понуди различно искуство на Преспанското Езеро, спојувајќи ги рекреацијата, младинскиот активизам и директната грижа за зачувување на животната средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс