Меѓународниот ден за борба против говорот на омраза

Премногу гласна, премногу тивка, премногу жена

Премногу слаба или премногу дебела. Премногу средена или страшно запуштена. Промискуитетна по дефиниција. Ако си на позиција, тогаш си „бичи“. Ако не си, си крајно неамбициозна. Говорот на омраза кон жените не е случаен. Тој е систематски и безмилосен

На Меѓународниот ден за борба против говорот на омраза обично зборуваме за статистики, закони и платформи, но понекогаш е доволно да ги прочитате коментарите под објава на која било жена. Земете било јавен профил на жена и погледнете ги коментарите. Без разлика дали жената е политичарка, новинарка, спортистка или само некоjа коjа некогаш ставила фотографија на својот профил, ќе пронаjдете коментар за нejзиниот изглед, за нejзиното тело и најверојатно за нejзиниот сексуален живот и сите нejзините квалификации. Таму некаде ќе биде и ставот дека таа со самото свое присуство онлajн побарала (и заслужила) токму вакви коментари .

Коментарите не се случаjни и нема да ги најдете на машките профили. Сите тие коментари следат еден образец што е стар исто колку и идеjата дека жената треба да биде тивка и послушна.

Списокот нема крај

Како и да свртиме, списокот никогаш нема да има позитивен крај. Ако си слаба тогаш е: „Јади нешто, коски и кожа си.” Ако си дебела: „Аман ослабни.” Ако се грижиш за изгледот: „Претеруваш.” Ако не се грижиш: „Запуштена си.” Ако си секси: „Си го бараш.” Ако не си: „не личиш на ништо.” Ако си самоуверена: „Aрoгантна кучка.” Ако не си: „Слаба е, нема лидерски квалитети.” Ако си на висока позициjа: „Знаеме како си стигнала таму.” Ако не си на позиција: „Нема амбиција и нема вредност.”

Нема позициjа во таа матрица од коjа жената победува и тоа не е случаjност, туку конструкциjа на системот на вредности што го делиме во ова општество.

Најопасниот дел е што сето ова повеќе не нè шокира. Коментарите за изгледот, за телото и сексуалноста на жените станаа толку секојдневни што ги читаме како временска прогноза. Се смееме, скроламе понатаму и се правиме дека се нормални. А токму во моментот кога омразата ќе стане нормална, таа станува најмоќна.

„Секоj има право да каже што мисли”

Оваа реченица е омилена одбрана на говорот на омраза. И делумно е точна. Луѓето навистина имаат право на мислење. Прашањето е зошто толку честo тоа мислење, кога е упатено кон жена, завршува со нejзиното тело, нejзиниот сексуален живот или завршува со закана кон неа и со говор на омраза.

Дигиталната револуциjа ги засили постоечките форми на родово базирано насилство, вклучуваjќи сексуално вознемирување, говор на омраза, дезинформации, клевета и лажно претставување. Истовремено, создаде нови форми на злоупотреба: хакирање, дипфejкови, доксирање и онлajн заканување.

Слободата на говорот ти дава право да кажеш дека не се согласуваш со нечиjа политика, нejзиниот текст, нejзината одлука. Но, не ти дава право да организираш координирана кампања за оцрнување на нечиј изглед и личност. Не ти дава право на закана и таа линиjа не е сива, туку е јасна. За жал, денес се брише систематски, секоj ден, во секоj коментар.

Ако си новинарка тогаш си двоjна цел

Жената новинарка е посебен случаj. Таа е цел поради полот и поради работата. Во 2025 година, 75 отсто од новинарките во светот доживеале онлajн насилство додека ja вршеле своjата работа, покажува истражувањето на УНЕСКО и UN Woman. Но, важно е да се каже дека новинарките се само нajвидливата категориjа. Оваа аритметика важи за секоjа жена коjа jавно постои.

„Жените новинарки се особено ранливи затоа шо се соочуваат со двоjна опасност: да бидат нападнати поради работата и затоа шо се жени. Актите на вознемирување коjшто се случуваат онлajн честопати имаат последици за жените и офлajн. Тие доживуваат физичка опасност и закани за силување и смрт”, вели УНЕСКО на меѓународниот настан за безбедност на новинарки.

Во 2020 година, 20 отсто од анкетираните новинарки онлajн нападите ги поврзувале со офлajн злоупотреба. До 2025 година, таа бројка се удвоила на 42 отсто. Тоа не е тренд на зголемена свест туку тренд на зголемена штета. Триесет отсто од новинарките велат дека се самоцензурираат. Дваесет и шест отсто пријавиле влиjание врз менталното здравjе.

Во Македониjа: коментарите под порталите се огледало

Во Македониjа, родово базираниот говор на омраза се среќава на социjалните мрежи главно во коментарите и статусите на Facebook, особено во обjавите на страниците на онлajн порталите. Наjтаргетирани се жените коjшто наjчесто се на jавни функции, jавни лица, новинарки, инфлуенсерки, но и обични граѓани.

Отворете кој било сакате македонски портал. Прочитаjте ги коментарите под текстот каде главен субjект е жена. Можноста дека ќе пронаjдете коментар за нejзиниот изглед или нejзиниот сексуален живот е поголем отколку можноста дека нема да пронаjдете и тоа не е анегдота. Случаите на говор на омраза на интернет во земјава се зголемени во последните години, а зажал ретко или воопшто не се санкционираат.

„Нема санкциjа„ е клучниот збор. Платформите не реагираат доволно, институциjата не го препознава, а жената го прибира, го претвора во внатрешна тишина и потоа продолжува со послаб глас.

Проблемот не е само во навредата. Демократијата не пропаѓа кога некој ќе напише грд коментар. Пропаѓа кога доволно луѓе ќе одлучат дека не вреди да зборуваат. Кога жените се повлекуваат од јавниот простор, не исчезнуваат само нивните гласови. Исчезнуваат теми, искуства и перспективи кои никој друг не може да ги замени. Затоа родово базираниот говор на омраза не е прашање на навредени чувства. Тој е прашање на тоа кој има право да биде видлив, слушнат и присутен во јавниот живот.

Омразата не е мислење. Тaa е метод

Тука е суштинскиот аргумент. Говорот на омраза кон жените не е случаен бран луди коментари туку метод за одржување на контролата. Координираните кампањи за вознемирување, засилени преку технологиjата на вештачка интелигенциjа, придонесуваат кон психолошка штета, професионално повлекување и намалено учество во новинарството и демократскиот дебат.

Со поjасни зборови: кога жената добива сто коментари за тоа колку е дебела под нejзиниот политички текст, ефектот не е само на неа. Ефектот е на секоjа жена коjа размислува дали да напише политички текст. Системот не мора да ги заплашува сите, доволно е да заплаши неколку. Краjниот ефект на говорот на омраза кон жените не е секогаш видлив.

Понекогаш тоj изгледа вака: жената коjа одлучила да не коментира. Новинарката коjа jа избегнала темата. Политичарката коjа не постира ништо во недела. Девоjката коjа го избришала профилот. 45 отсто од анкетираните новинарки и медиумски работнички се самоцензурирале на социjалните мрежи поради онлajн насилство. Тоа е победата на системот и на заканата, тишината коjа доаѓа после. Демократиjата добива помалку гласови. Jавниот простор добива помалку жени. А коментаторот под фотографиjата добива уште еден доказ дека тоj имал право.

Ако си жена, секогаш е нешто. Премногу си гласна или премногу тивка. Премногу амбициозна или недоволно амбициозна. Премногу видлива или недоволно важна. Нема позиција во таа матрица од која жената победува. Токму затоа говорот на омраза не е случаен дефект на интернетот. Тој е механизам што треба да потсети која е цената на видливоста. Не мора да ги замолчи сите жени, доволно е да замолчат дело од нив.

Проблемот не е што жените се навикнаа на омразата. Проблемот е што општеството се навикна.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс