Научниците конечно пресекоа како мегалитите стигнале до Стоунхенџ

Анализата на речните седименти ги исклучи праисториските ледници, потврдувајќи дека монолитите патувале исклучиво со човечки напор.
Фото: Udit Kapoor, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Ново геохемиско истражување на австралискиот универзитет „Кертин“ стави крај на децениската дебата за потеклото и транспортот на мегалитите на Стоунхенџ. Со анализа на речните седименти во рамнината Солзбери, научниците утврдија дека огромните карпи не биле донесени од природно движење на праисториски глечери, туку дека нивниот транспорт од стотици километри далечина бил резултат на свесен и организиран човечки потфат во неолитот.

Научниот тим предводен од д-р Ентони Кларк се фокусираше на најцврстите минерали на Земјата за да ја тестира хипотезата дали движењето на ледените плочи можело природно да ги довлече карпите од Велс и Шкотска до јужна Англија. Во центарот „Џон де Летер“ беа анализирани повеќе од 500 кристали на циркон и апатит, извлечени од речните корита околу рамнината Солзбери.

Овие микроскопски зрнца функционираат како геолошка временска капсула. Доколку глечерите некогаш поминале низ овие предели носејќи мегалити, ерозијата низ милениумите неизбежно би оставила специфичен минерален отпечаток во речниот песок. Резултатите покажаа нула такви честички.

„Доколку глечерите ги носеле карпите од Шкотска или Велс сè до Стоунхенџ, тие ќе оставеа јасен минерален потпис на рамнината Солзбери. Ние не најдовме ниту едно такво зрнце, што ја прави алтернативата, дека луѓето ги пренесувале камењата, далеку поверојатна“, вели д-р Кларк во студијата објавена во списанието Communications Earth & Environment.

Со отфрлањето на ледената теорија, фокусот на археологијата дефинитивно се префрла врз логистичките способности на неолитските заедници. Иако сега е научно докажано дека транспортот бил потфат на луѓе, точниот начин на кој тоа е изведено сè уште нема дефинитивен одговор.

Постојат неколку претпоставки меѓу научниците. Едната е користење на дрвени трупци и санки преку копнени патишта, додека другата посочува на транспорт со сплавови и древни пловила долж брегот и речните текови.

Коавторот на студијата, професор Крис Киркланд, укажува дека токму геохемиските алатки помагаат да се разграничат природните процеси од праисториското градителство. Ова откритие директно се надоврзува на претходната студија од 2024 година, кога истиот тим докажа дека централниот „Олтарски камен“, тежок шест тони, потекнува дури од североисточна Шкотска, оддалечена над 700 километри од локалитетот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс