Американска база во Полска како директна порака за Путин

Пентагон отвори преговори за постојано воено упориште на истокот, додека истовремено крои план за повлекување до 40.000 војници од Европа.

САД направија голем напредок кон отворање нова постојана воена база во Полска, објави американскиот претседател Доналд Трамп, најавувајќи дека точната локација ќе биде соопштена наскоро. Најавата доаѓа во момент кога Пентагон разгледува драматично намалување на американското воено присуство во Западна Европа, што го пренасочува фокусот на американските безбедносни капацитети директно кон источното крило на НАТО.

Полските власти долго бараа долгорочна и цврста американска воена заштита на своја територија. Владата предводена од Доналд Туск во јуни официјално ја активираше процедурата за добивање постојана американска база.

Американското Министерство за одбрана даде позитивен одговор на барањето и ги започна официјалните преговори. Трамп го оцени овој потенцијален договор како историски чекор за сојузништвото меѓу Вашингтон и Варшава. Доколку двете страни ги усогласат деталите, американските трупи ќе добијат траен инфраструктурен дом многу поблиску до руската граница.

Додека на истокот се подготвува ново упориште, на западот на Европа се подготвува сериозно намалување на силите. Според информациите што ги објави Ен-би-си њуз (NBC News), Пентагон разгледува план за повлекување на околу 25.000 американски војници, со опција таа бројка да достигне дури 40.000.

Во моментов на европско тло се распоредени околу 80.000 припадници на американската војска. Намалувањето најсилно би ги погодило Германија, Италија и Шпанија. Дел од тие сили би можел да биде префрлен токму на источниот фронт. Конечната одлука сè уште не е потпишана.

Американскиот безбедносен аналитичар Марк Тот, коосновач на компанијата за надворешна политика „ИНТРЕП360“ (INTREP360), во изјава за „ТВП ворлд“ (TVP World) оцени дека воспоставувањето постојана база во Полска претставува јасен сигнал за подготвеност испратен до Владимир Путин. Сепак, Тот предупредува дека јакнењето на позицијата на истокот не смее да се плати со олабавување на безбедносниот штит во остатокот од Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс