Сакате да студирате во Франција? Четири француски универзитети ќе се претстават во Скопје

Младите кои размислуваат за студирање во Франција ќе имаат можност одблиску да се запознаат со француското високо образование на Саемот на студии во Франција 2026, кој ќе се одржи на 24 ноември во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Саемот ќе биде отворен за посетители од 11 до 16 часот, а во програмата се предвидени презентации на четири француски универзитети, една бизнис-школа и една висока уметничка школа.

Посетителите ќе можат да добијат информации за пристапот до универзитетските студии во Франција и да се запознаат со институциите што ќе бидат претставени на настанот.

Свеченото отворање е закажано за 12 часот, со поздравен говор на директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски, и обраќање на францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер.

Кои француски универзитети ќе се претстават?

Од 13 часот, Кампус Франс Скопје ќе одржи воведна презентација со основни информации за пристапот до универзитетските студии во Франција.

Потоа, од 13:15 до 14:15 часот, ќе следуваат презентации на Универзитетот Мари и Луј Пастер во Безансон, Универзитетот Еври Париз-Сакле, Универзитетот Каен Нормандија и Универзитетот Лион 1 Клод Бернар.

Програмата ќе продолжи со претставување на бизнис-школата КЕЏ, од 14:15 часот, и високата уметничка школа БРАСАР, од 14:30 часот.

Во завршниот дел од презентациите, од 14:45 до 15 часот, ќе се претстават Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и Франкофонскиот центар за вработливост.

Саемот е наменет за сите кои сакаат да дознаат повеќе за можностите за продолжување на образованието во Франција, а особено за средношколците и студентите што ги разгледуваат опциите за студирање во странство.


Настанот ќе се одржи во вторник, 24 ноември, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, од 11 до 16 часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс