Левицата го освојува Берлин: Елиф Ералп може да стане првата левичарска градоначалничка

Елиф Ералп, ќерка на турски политички бегалци, со Левицата освои прво место на изборите во Берлин – сега следуваат преговорите за новата влада

Берлин би можел да добие нова политичка историја. Левицата, предводена од Елиф Ералп, освои најмногу гласови на изборите за покраинскиот парламент на германската престолнина, а 45-годишната политичарка со турско мигрантско потекло е на чекор од функцијата градоначалничка. За да дојде до неа, сепак, Левицата ќе мора да обезбеди коалициски партнери.

Елиф Ералп вечерва ја прославува изборната победа на Левицата во Берлин. Според првичните излезни анкети на германскиот јавен сервис АРД, партијата освои околу 24,5 отсто од гласовите, пред Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која е на околу 20 отсто. Подоцнежните проекции ја поставија Левицата и над 25 проценти.

Резултатот е повеќе од двојно подобар од оној што Левицата го освои на изборите во Берлин во 2023 година – 12,2 отсто според актуелните проекции. Но, првото место само по себе не е доволно за формирање влада. Левицата ќе мора да најде коалициски партнери и да обезбеди парламентарно мнозинство.

Ералп, која досега беше пратеничка во парламентот на покраината Берлин и активистка за правата на станарите, во изборната кампања стави силен акцент врз станбената криза, високите кирии, социјалната правда и поголемата политичка вклученост на луѓето со мигрантско потекло.

Од ќерка на политички бегалци до можна градоначалничка

Елиф Ералп е германска правничка и политичарка од редовите на Левицата. Родена е во 1981 година во Минхен, во семејство на турски политички активисти кои во Германија дошле откако побегнале од Турција по воениот удар во 1980 година. Нејзините родители биле социјалисти и синдикални активисти. По краткиот престој во Минхен, семејството се преселило во Дортмунд, а потоа во Хамбург, каде што Ералп го завршила средното образование.

Од 2001 до 2007 година студирала право на Универзитетот во Хамбург, со фокус на криминологија. Потоа го завршила правосудниот стаж, во кој работела и на прашања поврзани со миграциското право. Дел од стажот го поминала во Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци во Берлин и во германската амбасада во Отава, Канада. Во 2009 година го положила вториот правосуден испит.

Во 2010 година се преселила во Берлин и почнала да работи како советничка за правна политика во пратеничката група на Левицата во германскиот Бундестаг. Во фокусот на нејзината работа биле граѓанските права, демократијата, миграциското и станбеното право. Била и членка на работничкиот совет и на тарифната комисија на синдикатот Верди.

Нејзиниот политички ангажман започнал уште во младоста. Како студентка и активистка учествувала во антинуклеарното движење во Германија, а подоцна се вклучила и во антирасистички иницијативи и активности поврзани со правата на луѓето со мигрантско потекло. Во Левицата се зачленила во 2017 година, а од 2018 до 2023 година била членка на раководството на берлинската организација на партијата. Од 2025 година е и нејзина потпретседателка.

Од ноември 2021 година е пратеничка во Берлинскиот покраински парламент, а во парламентарната група на Левицата е потпретседателка. Во парламентот работи, меѓу другото, на прашања поврзани со интеграцијата, жените и еднаквоста, различноста и борбата против дискриминацијата.

Ералп е мажена и има две деца. Говори германски, турски, англиски и шпански јазик.

Во политичката кампања за изборите во Берлин во 2026 година, Ералп беше носителка на листата на Левицата и кандидатка за функцијата регирачка градоначалничка на Берлин. Во центарот на нејзината програма беа станбената криза, високите кирии, јавното и општинското домување, како и антирасистичките политики и поголемото учество на луѓето со мигрантско потекло во општествениот и политичкиот живот.

Еден од нејзините најпознати политички ставови е поддршката за спроведување на берлинскиот референдум од 2021 година за експропријација на големи станбени компании, со соодветен надомест, и префрлање на голем станбен фонд во јавна или општинска сопственост. Таа исто така се залага за регулирање на кирите и за мерки против иселувањето на жителите поради растот на трошоците за домување.

Елиф Ералп: „Испишавме историја“

Елиф Ералп, по објавувањето на првите резултати им се обрати на поддржувачите со порака дека партијата испишала историја. Доколку коалициските преговори завршат успешно, Ералп би можела да ја преземе функцијата регирачка градоначалничка на Берлин.

Ералп е со турско потекло и нејзината можна победа би имала уште една симболична димензија: таа би била првата шефица на берлинската покраинска влада со мигрантско потекло.

Левицата во кампањата се залагаше за посилна улога на градот на пазарот на недвижности и за спроведување на референдумот од 2021 година, со кој мнозинство гласачи поддржаа експропријација на големи станбени компании со соодветен надомест. Ералп најавуваше и ограничување на кирии во општинските станови и построги мерки против незаконските зголемувања на наемнините.

ЦДУ и СПД бележат пад

ЦДУ, која досега управуваше со Берлин во коалиција со СПД, заврши на второто место според првичните проекции. СПД, пак, се најде на околу 12 отсто, што би било еден од нејзините најслаби резултати во покраината.

АфД освои околу 16 отсто. Иако партијата значително ја зголеми поддршката во однос на претходните избори, останатите големи партии во Берлин ја исклучуваат можноста за коалиција со неа. Со победата на Левицата, досегашната коалиција ЦДУ-СПД го загуби мнозинството, па Берлин сега влегува во период на преговори за формирање нова покраинска влада.

Дали Елиф Ералп навистина ќе стане градоначалничка ќе зависи од исходот на тие преговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс