Партијата на Путин води со 57,54 отсто на изборите за Државната дума – објавени првите резултати

По тридневното гласање во Русија, владејачката партија е убедливо пред останатите партии, додека излезноста е околу 57 отсто

Тридневното гласање на изборите за деветтиот состав на руската Државна дума заврши во недела, 20 септември, со затворањето на последните гласачки места во најзападниот дел на Русија, Калининградската област. Според првите обработени резултати, владејачката партија Единствена Русија освои 57,54 отсто од гласовите. Податоците ги објави Централната изборна комисија на Русија по обработката на првите 13,88 отсто од протоколите.

На второ место е Комунистичката партија на Руската Федерација со околу 13,8 отсто, додека Либерално-демократската партија на Русија има околу 9,3 отсто. Следуваат Нови луѓе со 7,96 отсто и Праведна Русија со 5,16 отсто. Единствена Русија е партијата со која е поврзан актуелниот претседател на Русија, Владимир Путин, а нејзин претседател е поранешниот претседател и актуелен заменик-претседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев.

Изборите се одржаа од 18 до 20 септември, а според прелиминарните податоци, излезноста достигнала 56,66 отсто.

Избори во 39 региони

Покрај изборите за Државната дума, во Русија истовремено се одржаа и избори за регионални парламенти во 39 региони, како и избори за високи функционери во составните единици на Руската Федерација.

На федералните избори учествуваа десет партии: Единствена Русија, Комунистичката партија на Руската Федерација, Либерално-демократската партија на Русија, Нови луѓе, Праведна Русија, Руската партија на пензионерите за социјална правда, Комунисти на Русија, Родина, Руската еколошка партија „Зелени“ и Партијата за директна демократија.

Гласањето се одвиваше во услови на војната во Украина и безбедносни инциденти, вклучително и напади со беспилотни летала. Ројтерс известува дека независната и антивоена опозиција имала ограничено учество, а дел од кандидатите и партиите биле исклучени од изборната трка.

Особено спорно беше учеството на жителите на украинските територии под руска окупација. Украина и Европската Унија го осудија одржувањето на изборите таму, оценувајќи го како спротивно на меѓународното право. Вкупно, на различните избори одржани во Русија во овој изборен циклус се избираат околу 23.000 претставници и функционери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс