Една прошетка низ Охрид во 1961 година, една импресија од акустиката на „Света Софија“ и една оперска примадона која сакала да ја разлее својата музика под нејзините сводови. Од тој момент започнува приказната на „Охридско лето“. Шеесет и пет години подоцна, името на Ана Липша-Тофовиќ повторно се враќа во „Света Софија“, овојпат не преку нејзиниот глас, туку преку книга која го собира нејзиниот живот, кариера и трајното влијание врз македонската музичка култура.
Монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“, чија промоција се одржа во рамки на 66. издание на „Охридско лето“, е повеќе од биографија на голема оперска уметница. Таа е обид да се спаси од заборав една цела епоха, нејзините уметници, сцените на кои твореле и луѓето кои со својата визија оставиле трага многу поголема од сопствената кариера.
За проф. д-р Александар Трајковски, еден од авторите на монографијата, приказната има и лична димензија. Како дете ја среќавал Ана Липша-Тофовиќ во нејзиниот дом, а денес, заедно со м-р Снежана Анастасова Чадиковска, го исполнил и аманетот на легендарниот диригент Фимчо Муратовски: „Никако да не ја заборавите Ана Липша!“
Со Трајковски разговаравме за жената зад оперската примадона, за тоа што навистина би изгубила македонската култура доколку Ана Липша-Тофовиќ не ја препознаела „Света Софија“ како концертен простор, но и за едно многу посовремено прашање, дали во ерата на TikTok и кратките содржини младите воопшто сè уште имаат трпение за книги што бараат време.

Трн: Објаснете ни зошто Ана Липша-Тофовиќ заслужува цела монографија, а не само уште еден биографски текст?
Aлександар: Причини има повеќе… Ако ја кажам само фразата дека една од најзначајните личности на македонската оперска сцена, ќе звучи многу еднолично и веќе чуено. Затоа ќе речам дека нејзината појава не само што своевремно ги постави стандардите за современ оперски театар кај нас, туку направи и големи чекори. Прва на македонската сцена ги отпеа улогите на Орфеј, Кармен, Амнерис и тн. Потоа, беше значаен промотор на македонското оперско творештво… И секако, прва запеа во црквата ,,Света Софија” во Охрид и ги постави темелите на фестивалот ,,Охридско лето”…
Кога ги истражувавме архивските материјали за нејзиниот живот, наидовме на еден текат по повод добивањето на наградата 11 Октомври во 1975 година, каде што се вели дека врз основа на оствареното во кариерата, за Ана Липша-Тофовиќ треба да се напише монографија. И ете, после 50 години од тогаш, ние ја напишавме. Затоа, на шега и кажуваме, очигледно се чекало јас да се родам и да ги споиме своите мисли со Чадиковска, за книгата да биде напишана ха ха ха
Трн: Често велиме дека Ана го создала духот на „Охридско лето“. Колку тоа е историски факт, а колку симболика?
Aлександар: Непобитен историски факт, но и голема симболика, секако. Нејзината импресија од акустиката на ,,Света Софија”, при една летна опуштена прошетка низ Охрид, довела до одржувањето на првиот концерт, со кој всушност започнува одржувањето на фестивалот. Тој факт треба постојано да се повторува и да не се заборави. Таа тогаш не знаела дека го иницира нашиот најголем фестивал, туку едноставно, сакала да ја разлее својата музика под овие прекрљсни сводови. Затоа, тука има и симболика. Симболика во вградувањето на нејзиниот креатив во основата на фестивалот, вдахнувањето на неговиот живот, создавањето на нешто ново…
Трн: Што ќе изгубеше македонската култура доколку таа во 1961 година не ја препознаеше „Света Софија“ како концертен простор?
Aлександар: Не знаеме како би се развивале настаните доколку тој летен ден, Ана, сопругот и пријателите не влегле во црквата, но ете, тие влегле и потоа е направен историскиот чекор, за кој треба да сме благодарни, сите ние. Што ќе изгубеше? Многу ќе изгубеше. Бидејќи, токму благодарение на нејзината идеја, ние денес го имаме еден од најзначајните наши концертни подиуми, ба кој продефилира светската музичка елита. Ако размислиме дека доколку таа не го препознаеше просторот како таков, а потоа и никој друг тоа да не го направеше, мислам дека сме согласни дека ќе бевме многу посиромашни. Духовно, културно, општествено…
Трн: Во ера на TikTok и кратки содржини, дали ваквите обемни монографии сè уште имаат публика?
Aлександар: Имаат, но само кај повозрасната публика. Јас работам со млади лиѓе и знам дека нивниот фокус не се вакви обемни пишани материјали. За да го привлечеме нивното внимание треба да пласираме кратки и јасни информации. Затоа, свесно кажувам дека овие монографии до нив, речиси и да не допираат. Но, затоа, допираат до повозрасните, оние кои знаат и сакаат да читаат. За среќа, такви ги има многу, сè уште.
Трн: Споменавте дека книгата за вас има и интимна димензија.
Aлександар: Да, на повеќе нивоа… Снежана Анастасова Чадиковска е една од ретките живи сведоци на историскиот, прв концерт во ,,Света Софија”, во 1961 година. Тогаш, девојче на десет годишна возраст, со својот татко ја слушала интерпретацијата на Ана Липша-Тофовиќ под овие сводови. И еве, денес, пишува за тоа, пресликувајќи ги своите лични спомени
Мојата мајка (исто така Ана) беше другарка со ќерката на Ана Липша-Тофовиќ и јас како дете имав можност да одам во нејзината куќа во Скопје. Се сеќавам, бев фасциниран од нејзе, од тоа како изгледаше, како зборуваше. И никогаш нема да ги заборавам тие посети и нејзе покрај клавирот и портретот на Кондовски, кој зрачеше поставен помеѓу два огромни прозори. Тоа ремек-дело на македонското сликарство, денес е на насловната корица на нашата книга.
И, конечно, објавувањето на монографијата е исполнување на аманетот даден на нашиот драг и почитуван пријател, професорот и диригент Фимчо Муратовски, кој на една од последните средби пред да си замине од овој свет, додека зборувавме за нашите идни планови, ни рече – ,,Никако да не ја заборавите Ана Липша!” Денес сме горди дека аманетот го исполнивме.
Трн: Што ве плаши повеќе – дека ќе исчезнат документите или дека ќе исчезне интересот за нив?
Aлександар: Документите нема да исчезнат, доколку се добро зачувани. Треба само да се пронајдат у да се складираат во архивите. Во специјализираните државни институции, но и во приватните архиви на оние кои се занимаваат со конкретната дејност.
Подискутабилно е прашањето дали ќе исчезне интересот за нив. Јас лично, се надевам дека нема. Мојата и мисијата на моите колеги е на младите да им ги всадиме и развиеме љубовта и интересот за пронаоѓање, истражување и анализирање на архивски документи. Потребен е многу труд во таа наша мисија, ама јас не се откажувам. Мораме да создадеме млади кадри кои подоцна ќе понесат и ќе остварат резултати.
Трн: Ако имавте неограничен буџет, која приказна од македонската музичка историја би ја истражувале следна?
Aлександар: Овие години се години на одбележување на 100 годишни јубилеи на нашите оперски основоположници. Лани беа 100 години од раѓањето на Зина Креља, чиј живот со Чадиковска го овековечивме во монографија уште пред осум години. Но, затоа пак, догодина се навршуваат 100 години од раѓањето на Павлина Апостолова. Би сакал сите овие уметници да добијат свои публикации.
Трн: Ако за 100 години некој пишува монографија за македонската култура од 2026 година, што мислите дека ќе биде најголемата забелешка, дека немавме талент, немавме пари или немавме визија?
Aлександар: Сите три се меѓусебно поврзани. Талент имаме, тоа е неспорно и докажано. Пари, како сè помалку да има за вакви нешта и како сè друго да е поважно. Визијата… Многу е битно да ја негуваме и развиваме. Некогаш се прашувам дали ја имаме доволно. Не индивидуално, туку на колективно ниво. Мислам дека околу тоа прашање треба да се дебатира повеќе.