Во време кога културата често се сведува на буџетски ставки, институционални интереси и политички влијанија, Центар Јадро покажува дека постои и поинаков модел. Простор создаден преку партнерство меѓу граѓанскиот сектор и локалната власт, кој во изминатите години стана едно од најактивните места за современа култура, уметност и заедница во Скопје. Културно-социјалниот простор Центар Јадро не е само сцена за настани, тој е обид да се промени начинот на кој ја разбираме културата: како јавно добро, како простор за критичка мисла и како место каде граѓаните активно учествуваат во создавањето на содржините.
Во интервју за Трн, Искра Гешовска и Ѓорѓе Јовановиќ зборуваат за идејата зад Јадро, моделот на јавно-граѓанско партнерство, кризите со кои се соочува независната културна сцена, финансирањето, улогата на локалната заедница и прашањето дали ваквиот модел може да стане пример и за другите општини во Македонија.


КЛУЧНИОТ КОНЦЕПТ И ФИЛОЗОФИЈАТА ЗАД „ЈАДРО“
Трн: Која е идејата за основање на Јадро и кои се луѓето што денес го сочинуваат организациски?
Искра: Јас би рекла дека оваа пионерска институција на јавно-граѓанско партнерство, Центар Јадро, може да биде линијата, наративот преку кој би испратила порака за тоа како би требало општеството и државата да ги комуницираат и редефинираат јавните институции. Центар Јадро е пионерска институција во нашата земја, но во регионот постојат слични примери, на пример во Хрватска. Станува збор за таканаречен нов модел на јавно-граѓанско партнерство.
Што значи тоа? Тоа значи дека еден конзорциум, во случајот националната мрежа, „Јадро– асоцијација на независната културна сцена“, прави партнерство со јавен субјект, во овој случај со Општина Центар. Обично ваквото партнерство би требало да се прави со градот, но кога се создаваше оваа институција немаше такво политичко разбирање од страна на градските власти. Ние започнавме во 2013 година со застапување за создавањето на оваа институција.
Многу е важна соработката помеѓу граѓанскиот сектор и државата, односно јавниот сектор. Сè додека оваа држава не го разбере значењето на таа соработка, мислам дека нема да можеме да направиме вистински исчекор. Особено тоа е важно во сферата на културата, бидејќи таму е нужно редефинирање на моделите на јавните институции кои се троми и ретроградни. Не мислам пред сé од естетска гледна тучка, туку од организациска перспектива.
Јавните институции во културата често стануваат уточишта на партиски интереси – од поставување директори, преку избор на ансамбли во театрите, па сè до избор на куратори во музеите и други позиции во јавниот културен сектор. За жал, би рекла дека јавните институции во овие 35 години го изгубија јавниот интерес и повеќе не произведуваат концепт на јавно добро што ќе ги развива современите културни политики.
Тие не се доволно отворени, со чест на малкуте исклучоци, а би требало да им припаѓаат на сите нас, бидејќи ние, даночните обврзници, ги финансираме тие институции. Реформа практично никогаш не се случи. Исклучителна грижа кај нив остана вработувањето, па затоа имаме превработеност во јавните институции, како и обезбедувањето на месечните надоместоци. За разлика од нив, независниот културен, односно вонинституционалниот културен сектор има посовремено, интердисциплинарно читање на културата. Затоа е нужно на некои точки да се спојат овие два клучни сегменти – јавниот институционален сектор и независната културна сцена, кои треба заедно да ги градат современите културни политики.
Трн: Како функционира моделот на јавно-граѓанско партнерство во случајот со Центар Јадро?
Искра: Ова е навистина мал простор кој е скромен, но клучното нешто е што е во владеење на државата. Тоа е суштината на овој модел на јавно-граѓанско партнерство. Овој простор порано бил месна заедница и припаѓа на Општина Центар. Ако накратко треба да го објаснам моделот: државата го дава просторот, обезбедува средства за тројца вработени не повеќе од тројца кои произведуваат програма и го одржуваат функционирањето.
Центарот е простор каде независниот културен сектор може да ги користи ресурсите без никаков надомест. Содржините и програмите ги креираме ние. Многу е важно да се препознае политичката релевантност на ваквите јавни институции кои имаат силна граѓанска и општествена димензија и кои создаваат партнерства со граѓанскиот сектор. На тој начин буџетот се растоварува, одговорноста на креаторите на содржини е поголема, а културните политики можеме да ги читаме токму преку начинот на кој се распределуваат средствата.
Каде одат средствата, такви се и културните политики. Ако средствата одат кон етнонационални или партиски интереси, кон партиски идеолошки матрици, тогаш јасно е каква е културната политика. Ако поддржуваат граѓански концепт, како што е овој модел, тогаш и тоа е јасна порака.
Она што недостига во оваа земја е чувството и односот кон јавното добро, кон заедничкото, кон создавањето солидарни, рамноправни и самоорганизирани заедници кои ќе имаат реципроцитетен однос со државата. Тоа не е важно само за културните политики, туку генерално е неопходно за создавање квалитетно општество, нешто што мислам дека сè уште го немаме.
Трн: Интересно е што Јадро се нарекува културно-социјален простор. Не е клуб, не е институција, не е галерија. Зошто токму простор? Дали го гледате како платформа која овозможува независната сцена да функционира или имате и сопствена програма, идеолошка и културна насока?
Искра: Пред сè, ова е културен и социјален простор. Самото име Центар Јадро – културно-социјален простор кажува многу. Уште со самото име се укажува на тоа дека културата не е нешто ефемерно, нешто што подлежи само на естетска верификација. Културната и уметничката продукција има општествена одговорност.
Таа треба критички да дејствува, критичко-естетски да реагира во однос на сите аномалии во општеството. Оттаму, културата генерално, а следствено и преку концептот на овој простор, треба да се разбере како нешто што има поширока општествена улога. Затоа инсистираме на зборот „простор“. Не е ниту место, ниту институција. Станува збор за современа агора која има силна општествена димензија.
Културата мора да ја разбереме како нешто што има политичка одговорност. Но кога велиме „политичка“, кај нас одамна е заборавено оригинерното значење на зборот, треба да знаеме дека не мислиме на партиска политика, туку на политичкото во аристотеловска смисла – се мисли на општественото, бидејќи човекот е е „zoon politikon“, општествено суштество кое има потреба да ја слушне вистината, критичката вистина, и да постои во заедница.
Токму затоа инсистираме дека културната и уметничката продукција мора да бидат политични. За жал, нашиот образовен систем не ги учи луѓето на вистинското значење на политичкото. Кога ќе се каже „политично“, најчесто веднаш се прави релација со партиска определба, а тоа е сосема поинакво значење.
Трн: Она што е фасцинантно кај Центар Јадро е токму партнерството меѓу локалната заедница и граѓанскиот сектор. Основате простор кој е наменет да комуницира со локалната заедница. Колку овој модел е новина кај нас?
Ѓорѓе: Создавањето на ваков простор е голема новина за Скопје, а и за Македонија. Целосниот назив на нашата установа е „Установа од областа на културата, Културно-социјален простор Центар -Јадро“ и тоа е првата установа од областа на културата регистрирана во Општина Центар. До сега, културните установи и институции на територијата на Општина Центар беа или државни или градски.
За нас е од особена важност социјалниот аспект и комуникацијата и довербата што ја градиме со локалната заедница. Тука доаѓаат и работат млади уметници,музичари, режисери и актери, докажани професионалци во своите области, пензионери, деца, па така може слободно да се каже дека во Јадро се собираат луѓе од најразлични профили и возрасти.
ТЕКОВНАТА ПРОГРАМА И СЕКОЈДНЕВИЕТО НА „ЈАДРО“



Трн: Што е Јадро денес? Каков тип на програма создава?
Ѓорѓе: Со задоволство можам да кажам дека Јадро, после скоро седум години активно функционирање, е еден од најактивните и респектираните културни простори. Тука речиси непрекинато се случуваат различни типови на настани. На поголемиот дел од настаните ние сме домаќини, односно овозможуваме тие да се реализираат тука, но во Јадро се случуваат и програми кои ги продуцираме како креативен тим.
Ние сме тројца луѓе вработени овде и уште од самиот почеток сме одговорни за креирањето на програмата и концептот. Почетокот беше прилично предизвикувачки бидејќи отворањето на просторот се случи само еден месец пред пандемијата. Тоа беше огромен предизвик, не само за нас, туку и за целото општество и светот. Само еден месец по отворањето моравме да затвориме, а имавме многу планови. Но не застанавме – го искористивме моментот за да се префрлиме во дигиталниот простор и таму да реализираме дел од програмите. Се случија навистина интересни проекти и мислам дека за некои од нив Јадро беше, а за некои сè уште е, единствен простор кој продуцира таков тип на содржини.
Трн: Кои се тие програми?
Ѓорѓе: Тоа се различни програми и уметнички настани кои не можете лесно да ги најдете во други културни институции, ниту приватни ниту јавни. На пример, имаме работилници на теми кои официјалните курикулуми на образовните институции не ги покриваат. Имаме продукција на различни програмски линии – работилници за аудио продукција, костимографски работилници, разговори со локални уметници, читачка група, креирање на мурал еднаш годишно на нашата фасада и многу други содржини.
Трн: Дали фокусот е повеќе на визуелните уметности или на истражувачките практики?
Ѓорѓе: Не. Просторот е отворен за секаков тип современа уметничка практика и така функционира од самиот почеток. Без разлика дали станува збор за ликовна уметност, театар, литература. Тука се случуваат и промоции на книги, дебати, разговори, работилници. Идејата никогаш не била да се ограничиме на една област, туку да создадеме простор каде различни современи уметнички и културни практики ќе можат да се сретнат.
Трн: Колку настани годишно се случуваат во Јадро?
Ѓорѓе: Ако ги земеме заедно и јавните и затворените настани, бидејќи, покрај јавните настани тука се случуваат и работни состаноци, театарски и танцови проби, фокус групи и др., би рекол дека бројката е околу 150 до 200 настани годишно. Тој интензитет низ годините само расте. Нормално, за време на пандемијата не беше возможно да го имаме истиот интензитет, но во последните три и пол до четири години тоа е отприлика бројката која ја достигнавме.
Постои навистина голема потреба од страна на корисниците за овој просторот. За жал, понекогаш програми кои би требало да траат подолго, на пример, изложби кои би требало да траат една или две недели мораме да ги скратиме бидејќи има голем број уметници кои сакаат да ги реализираат своите проекти тука. Не е тоа само поради фактот дека просторот можат да го користат без финансиски надомест. Мислам дека е и поради професионалноста која успеавме да ја воспоставиме како тим и односот што го имаме кон авторите.
Тоа подразбира почитување на нивната работа, но и отвореност да им помогнеме во секој аспект од техничка поддршка до продукциска помош кога имаме можност. Низ годините, благодарение на неколку поголеми грантови кои ги добивавме како културен центар можевме да поддржиме млади автори од различни области, кои преку тие средства реализираа свои нови продукции.

СИСТЕМСКИ И ФИНАНСИСКИ ПРЕДИЗВИЦИ НА СЦЕНАТА
Трн: Уникатно е за Македонија што Општина Центар има капацитет да одржи ваков простор. Колку овој модел би требало да го применуваат и други општини?
Ѓорѓе: Апсолутно дека треба. Но мора да се каже дека Општина Центар важи за една од попрогресивните општини. Од друга страна, и ние низ разговорите што ги имавме со нив, и во периодот на подготовка за отворање, но и по отворањето, постојано се трудеме да објасниме за што точно се работи. Ми се чини дека од страна на општината постои слух, го разбираат концептот и се отворени да помогнат таму каде што можат. За жал, кај нас културата често е област каде што политиката сака да има голема контрола.
Политиката е поставена така што во голема мера ги контролира институциите со кои раководи. А во културата тоа е особено проблематично бидејќи тоа се простори кои треба да бидат бастиони на слободната мисла и изразување. Веројатно токму затоа вакви модели тешко се создаваат на други места.
Имавме пример со Кавадарци, каде во периодот на пандемијата, многу брзо по отворањето на КСП Центар Јадро, успеавме да помогнеме да се отвори сличен центар. За жал, тој постоеше само две години. Иако на почетокот општината беше отворена, подоцна не успеа целосно да разбере за што станува збор. Тоа е проблемот, потребно е вистинско разбирање на концептот.
Трн: Какви се предизвиците со финансирањето? Постои ли опасност за независната културна сцена?
Ѓорѓе: Да, тоа е многу важен момент. Голем број автори од независната сцена се во прекарна позиција. Тие немаат стабилно вработување во некоја институција и често се принудени да работат повеќе работи за да можат да преживеат. Прашање е и дали во такви услови можат да реализираат дел од своите проекти.
Ние сме тука да помогнеме, но и самите се соочуваме со различни предизвици кога станува збор за финансирањето. Постоеше една навистина добра програмска линија во Министерството за култура – линијата за интердисциплинарни проекти.
Првата работа што беше направена со промената на власта беше укинувањето на таа програмска линија. Оваа програмска линија беше значајна затоа што преку неа голем број автори ги реализираа свои проекти. И ние како установа во изминатите години успевавме да добиеме буџет за годишна програма, не автоматски, туку преку регуларно аплицирање што многу ни помагаше да реализираме работилници, претставувања на локални автори, видео портрети посветени на современи македонски писатели, разговори со визуелни уметници и многу други програми. Сега сме принудени да аплицираме во други програмски линии на отворениот конкурс на министерството, но постои навистина несоодветен лимит на бројот на апликации што може да се поднесат.
Трн: Што се постигна со укинувањето на интердисциплинарните програми?
Ѓорѓе: Ми се чини дека тоа беше чекор кон замолкнување на независната културна сцена. Тоа беше можеби и единствената возможност за многу организации да аплицираат и да добијат средства. Свесни сме дека кај нас речиси и да не постојат приватни или други меѓународни фондови кои можат континуирано да ја поддржуваат независната сцена.
Тие меѓународни фондови низ годините многу помогнаа, но тоа не може да биде единствен модел. Потребно е да се работи и на законската регулатива – не само на даночните олеснувања, туку и на сензибилизирање на бизнис-заедницата дека инвестирањето во култура е значаен општествен чин. Јас би рекол дури и патриотски чин. Не станува збор само за ослободување од данок. Постојат примери низ современата македонска историја каде богати стопанственици со повеќе сенс инвестирале во културата. Не се многу, но постојат, и тоа навистина го сметам за општествено важен и одговорен чин.
ИДНИНАТА И НОВИТЕ ТЕХНОЛОГИИ
Трн: Како ја гледате иднината на Јадро во време на брзи технолошки промени, дигитализација и вештачка интелигенција?
Ѓорѓе: Тоа се предизвици со кои се соочуваат и индивидуалците, и колективите, и ваквите простори – не само кај нас, туку и насекаде во светот. Во нашата пракса се трудиме преку програмите, особено оние што ги креираме како тим, да ја вклучиме заедницата. Тоа е еден начин да се надминат одредени бариери и предизвици за којшто ме прашувате- отуѓеноста, влијанието на вештачката интелигенција и промените што ги носи технологијата.
Мислам дека дури и оние кои ги застапуваат политиките поврзани со АИ не се целосно свесни до каде може да оди тој развој. Но верувам дека луѓето и понатаму имаат потреба да создаваат во живо, да се среќаваат во физички простори. Од таму сме донекаде сигурни дека Јадро ќе опстане.
Секако, мора постојано да имаме програма која ќе ги привлекува луѓето. Тој социјален сегмент, таа партиципациска нишка што ја негуваме, е многу важна. Во изминативе пет години го реализираме Маалскиот фестивал кој не би можел да постои без соработката со локалната заедница и нивната вклученост во креирањето на содржините на фестивалот. Тоа се случува и преку дел од програмите што ги креираме, но и преку авторите кои го користат просторот и имаат такви партиципациски методи во својата работа.