Македонското еколошко друштво на својот профил сподели препораки за тоа како граѓаните треба да реагираат доколку се сретнат со мечка во природа.
Оттаму посочуваат дека кога знаеме како правилно да се однесуваме во близина на мечки, побезбедни сме и ние и дивиот свет. Препораките се дел од едукативна објава посветена на безбедно движење во природа и заштита на кафеавата мечка.
Мечката е диво животно, не ѝ се приближувајте
Од Македонското еколошко друштво предупредуваат дека мечката е диво животно и дека не треба да ѝ се приближуваме, дури и кога изгледа мирно или љубопитно.
Ова особено важи ако мечката е со млади, бидејќи во такви ситуации може да реагира заштитнички.
Што ако видите мечка во далечина?
Доколку забележите мечка во далечина, препораката е да останете смирени и полека да се повлечете, без трчање и без нагли движења.
Важно е да ѝ оставите простор на мечката да се повлече, наместо да ја изненадите или да ѝ го блокирате движењето.
Ако мечката се приближува
Доколку мечката ви се приближува, но не ве гледа, од Македонското еколошко друштво советуваат внимателно да се најавите со смирен и рамномерен тон.
Потоа треба бавно да се повлечете, полека мавтајќи со рацете над главата. Така мечката ќе знае дека не сте плен.
Ако мечката е во ваша близина, треба да останете што посмирени и да се повлекувате полека, без викање, врискање, фрлање предмети или нагли движења. Ова, како што стои во објавата, особено важи ако мечката е со млади.
Не трчајте и не се качувајте на дрво
Една од најважните препораки е граѓаните да не трчаат, бидејќи мечката не може да се наттрча. Ако мечката ве следи, треба да застанете, да ја задржите позицијата и секогаш да ѝ оставите простор да се повлече.
Од МЕД посочуваат и дека не треба да се качувате на дрво.
Кога се повлекувате, треба да се движите настрана, а не наназад. Така, како што наведуваат од Македонското еколошко друштво, може да ја држите мечката на око и да не се сопнете.
Доколку сте со мали деца, препораката е веднаш да ги кренете во раце.
Кафеавата мечка е дел од најголемата европска популација
Во објавата се наведува дека овдешната популација на кафеавата мечка е дел од динаро-пиндската популација, најголемата во Европа, со околу 4.000 единки.
Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека преку проектот LIFE DinPin Bear, кофинансиран во рамки на програмата „Лајф“ на Европската Унија, активно се работи на зачувување и управување со оваа популација.