Економистите пресметаа: 37 работни часа неделно носат оптимална благосостојба без пад во продуктивноста

Додека во САД се турка закон за 32-часовна работна недела, истражувањата покажуваат дека само еден десетчасовен ден го зголемува ризикот од мозочен удар за една третина.

Идеалната работна недела не е 40 часа, но не мора да биде ниту радикално скратена на 32 часа за работниците да почувствуваат вистински бенефит. Економисти од Универзитетот Дјук утврдија дека границата од околу 37 работни часа неделно носи најдобра рамнотежа помеѓу личната благосостојба и работните обврски. Податоците доаѓаат во момент кога американскиот Конгрес разгледува законско намалување на полното работно време, поттикнато од сè поголем број медицински докази за штетноста на долгите работни денови.

Во законодавниот дом на САД е поднесен предлог-закон насловен како „Акт за 32-часовна работна недела“, предложен од сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, и конгресменот од Калифорнија, Марк Такано. Иницијативата предвидува постепено намалување на стандардното работно време во период од четири години, со законска обврска секој час одработен над осум часа дневно да се плаќа како прекувремена работа. Стандардот од 40 часа беше воведен во САД уште во 1940 година со измените на Законот за фер работни стандарди.

Истражувањето на Универзитетот Дјук од 2025 година, засновано врз податоци од работници во Германија кои редовно го надминуваат 40-часовниот праг, покажа дека придобивките за благосостојбата се забележуваат и при 32 часа, но оптималната вредност е околу 37 часа. Истражувачите нагласуваат дека ефектот од ваквата политика зависи пред сè од тоа дали ќе ги опфати оние работници што во моментов одработуваат екстремно висок број часови. Според извештај на Галуп од 2025 година, просечниот вработен со полно работно време во САД во 2024 година работел околу 43 часа неделно. Истражувањата од Државниот универзитет во Аризона претходно покажаа дека американските работници поминуваат за четвртина повеќе време на работа во споредба со европските колеги.

Секоја работна недела од 40 часа или повеќе остава директни последици врз здравјето, особено врз кардиоваскуларниот систем. Државна студија спроведена во Франција во 2019 година откри дека луѓето што работат во просек само еден десетчасовен работен ден во неделата имаат за една третина поголем ризик од мозочен удар во споредба со оние кои немаат редовно прекувремени часови. Овој ризик бил најизразен кај помладите работници под 50 години.


Освен нарушеното здравје, прекумерниот престој на работа ја уништува и самата работна ефикасност. Студија на Универзитетот Стенфорд од 2013 година докажа дека продуктивноста драстично опаѓа по надминување на 50 работни часа во една недела. Психологот од клиниката во Кливленд, д-р Адам Борланд, ја илустрираше оваа состојба со едноставна споредба: автомобилот не може да се движи оптимално кога резервоарот за гориво е празен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс