Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и директорот на Мосад, Роман Гофман, подготвувале тајна воена операција на иранска територија во пресрет на парламентарните избори, но Вашингтон го дознал планот и директно го запрел неговото извршување. Информацијата ја објави израелската телевизија Канал 12, наведувајќи дека американската администрација реагирала веднаш откако израелски безбедносен оперативец ненамерно направил оперативен пропуст и ги открил плановите.
Планираната акција требало да се спроведе непосредно пред изборите одржани на 27 октомври, но наишла на сериозен отпор кај дел од одбранбените структури. Началникот на Генералштабот, Ејал Замир, отворено предупредил дека операцијата носи висок ризик. Според неговите процени, Техеран можел погрешно да ги протолкува израелските намери и да одговори со масовен воен удар, што би довело до одложување на гласањето.
Додека шефот на разузнавачката служба Мосад, Роман Гофман, цврсто застанал зад идејата на Нетанјаху, воената команда барала претпазливост. Извештаите на весникот „Израел Хајом“ посочуваат дека замислената интервенција немала карактер на целосна воена офанзива, но поседувала доволен потенцијал одново да го запали директниот конфликт меѓу двете држави.
Американската реакција уследила по протекувањето на информациите преку израелски разузнавач. Белата куќа проценила дека нов судир на Блискиот Исток носи глобален безбедносен ризик и директно влијае врз енергетските текови и стабилноста на меѓународните сојузи.
Кабинетот на Нетанјаху преку официјално соопштение ги отфрли овие медиумски наводи, квалификувајќи ги како лаги. Израелскиот премиер по изборите на 27 октомври освои 53 од вкупно 120 пратенички места во Кнесетот, со што неговиот политички блок остана без потребното парламентарно мнозинство за формирање стабилна влада.
