Германија пред можност да добие прва претседателка, која е Илзе Ајгнер?

Политичарката од баварската ЦСУ доби поддршка од владините партнери во Берлин, но конечниот избор останува на Сојузното собрание
Фото: Michael Lucan, CC BY-SA 3.0 DE, via Wikimedia Commons

Илзе Ајгнер, поранешна сојузна министерка за земјоделство и долгогодишна функционерка на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), е нов главен фаворит за претседателската функција во Германија. Партиите од владејачката коалиција постигнаа договор за нејзина кандидатура како наследничка на Франк-Валтер Штајнмаер. Иако поддршката од водечките партии значително ѝ ги зголемува шансите на претстојното гласање, исходот формално ќе зависи од одлуката на Сојузното собрание закажана за јануари 2027 година.

Поддршката за кандидатурата на Илзе Ајгнер доаѓа по усогласувањето на ставовите меѓу Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и социјалдемократите (СПД). Канцеларот и претседател на ЦДУ, Фридрих Мерц, застана зад предлогот таа да ја преземе највисоката протоколарна должност во државата. Со оглед на тоа што и помалиот коалициски партнер СПД претходно даде позитивен сигнал, позицијата на Ајгнер е значително зацврстена.

Ваквиот чекор уследи откако премиерот на Баварија и лидер на ЦСУ, Маркус Зедер, дефинитивно ја отфрли можноста за своја кандидатура. Со тоа се избегна потенцијалната политичка криза двете највисоки позиции во државната хиерархија истовремено да им припаднат на кадри од баварското крило.

Ајгнер е родена во 1964 година во баварското место Фелдкирхен-Вестерхам, а својот политички пат го гради исклучиво низ редовите на ЦСУ. На сојузно ниво стана препознатлива меѓу 2008 и 2013 година, кога го водеше Министерството за земјоделство и заштита на потрошувачите во кабинетот на Ангела Меркел. Во германските политички кругови важи за прагматична фигура со смирен јавен настап и подготвеност за меѓупартиски дијалог, што ѝ носи почит и надвор од конзервативниот блок.

Формалниот пат до претседателската палата Белви не е автоматски. Шефот на државата во Германија го избира Сојузното собрание (Bundesversammlung), посебно уставно тело составено од сите пратеници во Бундестагот и еднаков број делегати што ги номинираат парламентите на сојузните покраини.

Иако владиниот сојуз има солидна појдовна база на гласови, опозицијата најавува сопствени потези. Партијата Алтернатива за Германија (АфД) соопшти дека ќе излезе со свој кандидат, додека Левицата побара на чело на државата да застане непартиска личност без длабоки врски со конзервативните структури.

Претседателската должност во Германија трае пет години, со право на само еден реизбор. Актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го завршува својот втор мандат и според Уставот нема право на нова кандидатура.


Иако улогата на германскиот претседател е првенствено репрезентативна, таа има пресудно значење во периоди на институционални кризи. Претседателот го задржува правото да одбие потпишување закони доколку процени дека тие се во спротивност со германскиот Основен закон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс