Организаторите информираат дека концертот е преместен во поголема сала за да се овозможи присуство на повеќе посетители.
Концертот ќе понуди музичко патување низ богатото културно наследство на Медитеранот, спојувајќи традиционални мелодии со класични и современи композиции. Публиката ќе има можност да слушне дела од различни историски периоди и музички традиции што со векови се преплетувале на медитеранскиот простор.
Посебно место во програмата зазема грчката музика, со композиции на Манос Хаџидакис, чиј творечки опус годинава го одбележува грчкото Министерство за култура. На репертоарот се и дела од Шарпантје, Монтеверди, Качини, Серано, Росини, Сати, Рота, Караиндру и Маркопулос, како и традиционална медитеранска музика.
Ансамблот „Mosaico Mediterraneo“ е посветен на истражување и современа интерпретација на медитеранската музика, поврзувајќи ги европските класични традиции со народната музика од Јужна Европа, Блискиот Исток и Африка. Во изминатите години ансамблот настапувал во повеќе европски градови.
