Охрид во јули како филмска сцена, плажа наместо кино сала и филмови што отвораат прашања за светот во кој живееме. Beach Film Festival веќе неколку години го претвора брегот на Охридското Езеро во отворено кино, каде што природата, архитектурата и филмската уметност се спојуваат во едно уникатно фестивалско искуство.
Годинава фестивалот повторно носи внимателно избрана програма, млади европски автори, посебен фокус на хорор жанрот, но и филмови што отвораат сложени теми – од границите на уметноста и етиката, до интимните човечки приказни.
За визијата зад фестивалот, за тоа како се избираат филмовите, зошто Охрид е природна филмска сцена и што не може да го замени ниту најсовремената технологија, разговараме со Ана Опачиќ, директорка на Beach Film Festival.

Tрн: Која сцена од светската кинематографија најдобро го опишува Охрид во јули?
Ана: Охрид во јули лесно би можел да биде кулиса за филм на Сорентино или Гвадањино – нешто помеѓу атмосферата на The Hand of God и A Bigger Splash. А доколку навлеземе подлабоко во филмската историја, сигурно би нашле и нешто од духот на Фелини. Во секој случај, замислувам сцена од италијанската кинематографија: лето, езеро, луѓе, случајни средби, носталгија…
Tрн: Што никогаш не би дозволиле да се промени на фестивалот, без разлика колку технологијата ќе напредува?
Ана: Неизбежно е технологијата да напредува во сите полиња на животот, а така се менуваше и кинематографијата низ својата историја. На почетокот филмовите беа без звук, црно-бели и во формат 4:3, и секогаш кога доаѓаше до промени, на луѓето им беше потребно време за да се навикнат.
Денес живееме во време на вештачка интелигенција, на која исто така ќе треба да се адаптираме. Но, без оглед на тоа што современата технологија нуди алатки што можат да ни заштедат време, да нè направат побрзи и поефикасни, она што никогаш нема да се промени на нашиот фестивал е тоа дека технологијата не може да го замени човекот и човечката креативност.
Tрн: Дали некогаш сте одбиле одличен филм затоа што едноставно не се вклопувал во духот на Beach Film Festival?
Ана: Да, сме имале такви случаи. Некогаш најтешките одлуки се токму оние кога треба да одбиете филм што лично ви се допаѓа, но не комуницира со духот на фестивалот. Филм што е премногу херметичен, со сложена нелинеарна нарација или со екстремно експериментален пристап, може да биде исклучително добар и вреден, но едноставно не се вклопува во концептот и во амбиентот на Beach Film Festival. Тоа не е оценка за квалитетот на филмот, туку прашање дали му е местото токму во нашата програма.
Tрн: Забележувате ли нови теми што доминираат кај младите европски режисери?
Ана: Темите се менуваат речиси секоја година, како што се менува светскиот поредок. Сè она што е актуелно во општеството, глобалните промени и предизвици, неизбежно влијае врз луѓето. Но, она што го забележуваме е дека сепак не сите млади режисери ги следат трендовите или големите општествени теми. Многу од нив се свртуваат кон интимни, лични приказни – приказни за семејството, односите меѓу луѓето, сопственото искуство и внатрешните конфликти. Можеби токму во време кога светот станува сè покомплексен, младите автори повторно го бараат човекот во центарот на приказната. А најважно е кога филмот успева од една мала, лична приказна да создаде нешто универзално, нешто со кое секој може да се поврзе.
Tрн: Забележуваме дека програмата вклучува и Работилница за хорор филм, и тоа секој ден во спортската сала на средното економско училиште – зошто токму хорор жанрот доби посебен фокус годинава?
Ана: Работилницата за хорор филм ја организираме заедно со Гете-институтот, а причината зошто токму овој жанр доби посебен фокус е поврзана и со историјата на германската кинематографија. Кога зборуваме за германскиот филм, еден од најважните периоди е германскиот експресионизам, кој остави огромно влијание и беше инспирација за многу современи хорор филмови. Сите ние како деца сме гледале хорор филмови и со некоја необјаснива мешавина на страв и возбуда сме го очекувале следниот кадар, прашувајќи се што ќе се случи понатаму. Она што е особено значајно во оваа работилница е младите да научат колку е важна употребата на филмските изразни средства. Пред сè, фокусот е ставен на звукот, бидејќи токму звукот често создава најголемо чувство на нелагодност и напнатост додека гледаме хорор филм. Потоа следуваат улогата на камерата, сценографијата, светлото и останатите филмски елементи што заедно ја создаваат атмосферата и емоцијата кај гледачот.

Tрн: Beach Film Festival е препознатлив по проекциите на плажа. Колку токму амбиентот е дел од идентитетот на фестивалот?
Ана: Од самиот почеток идејата беше филмот да излезе од класичната киносала и да се постави во простор каде што публиката може да доживее нешто поинакво: гледање филмови на плажа, со звукот на езерото во позадина и со чувството дека природата станува дел од филмското искуство. Исто така, проекциите на брод создаваат посебно аудиовизуелно искуство затоа што филмот не постои изолирано од просторот – додека публиката го следи филмот, паралелно се отвора и панорамата на стариот Охрид, а неговата архитектура се појавува како природна сценографија. Фестивалот не е само селекција на филмови, туку и начин на кој тие филмови се доживуваат.
Tрн: Отворањето е со филмот „Being Maria” на плажа Славија – зошто токму овој филм е избран да го отвори фестивалот?
Ана: Сите љубители на филмот добро познаваат неколку наслови што оставиле длабока трага во историјата на кинематографијата поради контроверзите што ги следеле. Филмови како A Clockwork Orange, Irréversible, а меѓу нив и Last Tango in Paris, со години се предмет на дискусии токму поради прашањата што ги отвораат за границите на уметноста и одговорноста на авторите.
Приказната што ја носи филмот Being Mariaе токму приказна за Марија Шнајдер и за искуството поврзано со создавањето Last Tango in Paris. Овој филм не е само визуелно привлечен и силно емотивен, туку отвора и важни прашања за етиката во филмот и во уметноста воопшто. Каде е границата помеѓу уметничката слобода и одговорноста? Каде завршува авторската визија, а каде започнува почитта кон човекот што е дел од таа уметност?