Само неколку дена пред големиот јубилеј, 35 години независност на Македонија, JFF Little Big Band настапи на 20-то јубилејно издание на Petrovac Jazz Fest во Црна Гора, каде што публиката го награди настапот со стоечки овации и долготраен аплауз. Дваесет изданија на фестивалот не се само бројка. Тоа се две децении музика, пријателства, средби и инспирација, во кои музичарите и публиката повторно и повторно се собираат околу јазикот што сите го разбираат џезот.
Под диригентската палка на реномираниот гитарист, аранжер и диригент Тони Китановски, JFF Little Big Band го претстави живиот и современ звук на македонскиот џез, со композиции од некои од најзначајните современи македонски џез-автори, преточени во нови и динамични биг-бенд аранжмани. Членови на JFF Little Big Band се Кристијан Џорџевиќ, Христијан Ристески, Иван Клацар, Андреј Максимовиќ, Кори Вилкокс, Александар Ниниќ, Давид Скерлевски, Сашо Поповски и Иван Бејков и Алек Секуловски.
Музичарите дополнително ја кренаа публиката на нозе кога изведоа неколку композиции меѓу присутните, а на крајот беа наградени со стоечки овации и долготраен аплауз.
„Бев изненаден од тој гест на музичарите и видовте дека публиката навистина беше воодушевена. Со музичарите од Македонија навистина многу соработувам, не само во џезот, туку и во регето, така што ми се многу драги гости и секогаш ќе ги поканам, бидејќи имаат некој свој балкански дух, некоја своја мелодија што продира во порите на луѓето во публиката“, изјави Винко Михајловиќ, директор на Џез фестивалот во Петровац.
Тој додава дека токму тој препознатлив балкански дух е една од причините поради кои соработката меѓу музичарите од регионот е толку важна.
„Тоа е тој балкански шмек што го имаме ние и што го чувствуваме. Кога ќе дојдат Американци, тие имаат свој стил, Италијанците свој, но ние го препознаваме тој квалитет. Сепак, сме од Балканот и ја имаме таа силна врска – Македонија и Црна Гора, а секако и Србија, Босна, Словенија и Хрватска. Секогаш ми е мило кога доаѓаат музичари од Битола и од другите градови“, вели Михајловиќ.
„Голема благодарност до Petrovac Jazz Festival, целиот фестивалски тим, публиката и сите кои придонесоа оваа прекрасна вечер да се случи. Посебна благодарност до Тони Китановски и до сите музичари на JFF Little Big Band за посветеноста, енергијата и срцето што го донесоа на сцената“, истакна Сашо Поповски, директор и основач на Џез Фактори фестивалот.
Пријателството меѓу фестивалите трае повеќе од една деценија
За Поповски, Петровац е место на кое се чувствува како дома. Тој на фестивалот настапува уште од 2010 година, а во изминатите години учествувал седум или осум пати.
„Можеби досега седум или осум пати сум бил дел од него и секогаш навистина е како да сум дома. Винко ни е драг пријател, пријател на Џез Фактори фестивалот, пријател од Битола, и секоја година доаѓа на фестивалот и кај нас“, вели Поповски.
Според него, токму пријателството со Михајловиќ било почеток на една поширока фестивалска соработка.
„Нашето пријателство започна во 2010 година со мојот прв настап тука во Петровац, каде што се спријателив со Винко, кој нè запозна со Драган Влајниќ. Во 2011 година настапивме во Кикинда и оттогаш се роди желбата за џез фестивал во Битола. Некако природно, во 2018 година успеавме да имаме свој џез фестивал. Следната, 2027 година, славиме десет години – десет, би рекол, интересни години на џез фестивал во Битола“, додава Поповски.
Тој посочува дека Битола заслужува сериозна џез-сцена и фестивал на највисоко ниво.
„Битола навистина заслужува сериозен џез фестивал и секогаш го истакнувам тоа. Се трудиме да го дадеме најдоброто што го знаеме и можеме.“
JFF Little Big Band – проект што ги поврзува генерациите
JFF Little Big Band е проект што Поповски и Тони Китановски го започнале пред две години и го реализирале во рамките на Џез Фактори фестивалот, со поддршка од универзитетите во Тетово и Штип. Половина од музичарите во биг-бендот се професори или сегашни и поранешни студенти, што на проектот му дава и силна образовна компонента.Годинава JFF Little Big Band настапи не само во Петровац, туку и на 25 јули во Тирана, на Интернационалниот џез фестивал во Албанија. Следната година се планирани уште три фестивалски настапи.
Минатата година JFF беше претставен и во Кина.
„Оваа година повторно ќе го претставиме фестивалот таму пред видни претставници и професионалци од уметничкиот свет, што е многу значајно не само за фестивалот, туку и за Битола. Оваа година ќе одиме со поинаков проект, каде што главниот фокус ќе биде Џез Фактори за деца и работата со младите“, вели Поповски.
Тој додава дека целта е да се претстави и развојниот пат на Џез Фактори.
„Младите се тие што го создаваат светот и сакаме да промовираме проект и да го претставиме патот на развојот на Џез Фактори, бидејќи почна во 2011 година како проект со деца, а потоа се јави потребата да имаме и џез фестивал. Исто така, не сакам да заборавам дека соработката со Францускиот институт во Скопје е многу важна за развојот на самиот фестивал.“
Поддршка од Општина Битола и нови регионални соработки
Во развојот на фестивалот важна е и поддршката од Општина Битола. Како нејзин претставник годинава на фестивалот присуствуваше Емилија Сарафска, координаторка на проектот Франција–Балкан џез мрежа. „Фестивалот секогаш е дел од годишната програма за култура на Општина Битола. Без тоа, како што кажавме, не би можеле да го реализираме фестивалот во овој формат“, вели Поповски. Тој нагласува дека долгогодишен партнер на фестивалот е и Народниот театар во Битола.
„Народниот театар во Битола е наш партнер веќе десет години, без кој навистина не би можеле да функционираме во рамките и светот во кој се претставуваме. И би рекол, најмногу битолчани, публиката, кои секоја година доаѓаат и навистина го почитуваат нашиот избор на артисти и ги радуваат музичарите со долги аплаузи.“
За Поповски, токму публиката е еден од најважните столбови на фестивалот.
„Многу сум среќен, бидејќи граѓаните на Битола, сцената во Битола, заслужуваат да имаат џез фестивал од највисоко ниво и ние се трудиме за тоа.“
Во рамките на престојот во Црна Гора, претставниците на Џез Фактори фестивалот и Општина Битола се сретнаа и со претседателот на Општина Будва, Никола Јовановиќ. На средбата се разговарало за можности за идни соработки. Настапот на JFF Little Big Band на јубилејното издание на Petrovac Jazz Fest уште еднаш ја потврди улогата на фестивалот како простор за регионално поврзување на музичарите, фестивалите и публиката, но и за претставување на современиот македонски џез надвор од земјата.