Зошто ни треба сексуално образование?

МОН вчера го повлече изборниот предмет по реакции во јавноста, а ХЕРА предупредува дека со тоа младите остануваат без важна алатка за заштита од насилство и злоупотреба

Министерството за образование и наука вчера ја повлече наставната програма и изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ од средните училишта и најави длабока ревизија, по реакциите во јавноста и отвореното писмо што на 6 септември до министерката Весна Јаневска го упати викарниот епископ стобиски Јаков од Македонската православна црква, Охридска архиепископија.

Здружението ХЕРА, кое ја водеше пилот-програмата, реагираше дека повлекувањето не ги отстранува ризиците со кои се соочуваат младите, туку им го ограничува пристапот до знаење што може да им помогне да препознаат насилство, да постават граници и да побараат заштита.

Писмо од епископ, повлечен предмет

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска соопшти дека предметот и наставната програма привремено се повлекуваат, а Бирото за развој на образованието ќе направи детална ревизија. Таа наведе дека програмата опфаќа теми како семејство, заштита од сексуално преносливи инфекции, превенција од несакана бременост, родова еднаквост и недискриминација. Јаневска најави дека и лично ќе учествува во ревизијата. Одлуката следува по реакциите во јавноста, откако на 6 септември викарниот епископ стобиски Јаков ѝ упати отворено писмо на министерката, во кое побара повлекување на новата програма и го критикуваше начинот на кој во неа се обработуваат темите за родот, родовиот идентитет, родовото изразување и сексуалните и репродуктивните права.

Важно е да се нагласи дека „Сеопфатно сексуално образование“ беше предвидено како изборен предмет за учениците од прва до четврта година во средното образование, а не како задолжителен предмет за сите средношколци.

Бројките зад загриженоста на ХЕРА

Здружението за здравствена едукација и истражување ХЕРА, кое во учебната 2021/2022 година ја спроведуваше пилот-програмата во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, предупреди дека со повлекувањето не исчезнуваат ризиците со кои се соочуваат младите.

Според податоците што ги објави ХЕРА, околу 10 отсто од децата на возраст од 12 до 17 години, односно речиси 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од една година. Во 78 отсто од случаите сторителот е лице кое детето го познава, додека 52 отсто од случаите на сексуална експлоатација се случуваат преку социјалните мрежи и апликациите за комуникација.

Само еден од пет ученици добил сексуално образование

Во истата анализа ХЕРА наведува дека само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле каков било вид сексуално образование. Податоците за сексуалното и репродуктивното здравје исто така укажуваат на сериозни предизвици. Во 2024 година, 588 деца биле родени од мајки на возраст од 15 до 19 години, а само во еден месец биле регистрирани 11 нови случаи на ХИВ.

Меѓународното истражување „Disrupting Harm“, спроведено од УНИЦЕФ, ИНТЕРПОЛ и „ECPAT International“, препорачува образованието за врски, граници и согласност, соодветно на возраста, да биде дел од училишните програми.

Холандија: од ниска стапка на тинејџерска бременост до задолжително сексуално образование

Холандија го модернизирала сексуалното образование уште во 1980-тите, а во 1990-тите тоа станало задолжителен дел од образовниот систем. Според податоците што ги пренесе ХЕРА, земјата има една од најниските стапки на тинејџерска бременост.

Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој присуствувал на настан на ХЕРА во 2022 година, тогаш посочил дека воведувањето на предметот во Македонија доцни зад ветените рокови и дека Европската Унија веќе проверува како се исполнува таа обврска.

Македонија меѓу последните во Европа

Истите податоци на ХЕРА, објавени во 2022 година, покажуваат дека стапката на малолетнички породувања во земјава е речиси трипати повисока отколку во земјите од Европската Унија. Во исто време, само 14 отсто од младите на возраст од 20 до 24 години користат современа контрацепција, што е еден од најниските проценти во Европа.

Според ХЕРА, без сеопфатно сексуално образование младите остануваат поизложени на различни форми на насилство, а особено ранливи се младите од ЛГБТИ-заедницата. На децата не им треба помалку образование, туку повеќе знаење, превенција и заштита, порачува ХЕРА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс