Трамп и Меланија делеа слатки на деца во советска униформа и руска народна носија

За време на традиционалната прослава за Ноќта на вештерките во Белата куќа, претседателскиот пар срдечно пречека момче со капа со срп и чекан и девојче во традиционален руски сарафан, што предизвика остри критики во јавноста.

Доналд и Меланија Трамп угостија деца на традиционалното делење слатки за Ноќта на вештерките во Белата куќа, а меѓу гостите се најдоа и две деца во спорни костими. Претседателската двојка срдечно пречека момче облечено во униформа налик на руска воена и девојче во руска народна носија.

„Имаше два вида униформи на прославата за Ноќта на вештерките во Белата куќа овој четврток: американски и руски советски униформи со срп и чекан. Не знам дали Американците сфаќаат, но советските симболи се забранети во многу европски земји кои порано беа под советска власт. Советскиот режим беше одговорен за огромно страдање, масовна смрт, глад, депортации, тортура и концентрациони логори. Неговите злосторства беа споредливи по обем и бруталност со оние извршени од нацистите. За многу луѓе кои живееја под овој режим, или чии семејства страдаа поради него, гледањето на српот и чеканот е подеднакво застрашувачко како и гледањето свастика или униформа на Третиот Рајх“, напиша новинарката Катерина Лисунова на социјалната мрежа Икс (X).

Момчето на себе носело маскирна јакна со ознака на тенковска единица и капа со советска воена значка, на која се наоѓале срп и чекан. Девојчето што го придружувало било облечено во сарафан — руски народен фустан со цветен дезен — и носело традиционална лента за глава.

Меланија Трамп се насмевнала додека му ја наместувала капата на момчето, а потоа двете деца добиле слатки од претседателската двојка.

Настанот, на кој главно учествуваат семејства на војници и државни службеници, беше одржан во време кога руските сили продолжуваат со нападите врз украинските градови.

Поради тоа, сцената предизвика остри критики како крајно нечувствителна кон жртвите на советскиот режим и актуелната војна во Украина. Посебно внимание привлече токму реакцијата на Меланија Трамп, која со насмевка му ја поправи капата со советското обележје на момчето.


Официјалниот пренос од Белата куќа го забележа моментот без никаков дополнителен коментар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс