Времето во Македонија попладнево доживеа силна дестабилизација со поројни дождови, електрични празнења и засилен ветер. Метеоролошките станици регистрираа пад на температурите и локални врнежи, додека радарските снимки потврдија развој на олујни облаци над повеќе градови. Нестабилното време продолжува и во текот на утрешниот ден, со услови за локално невреме и град.
Попладневната нестабилност опфати повеќе делови од земјата. Во југозападните региони, како и во Штип, Радовиш и Македонска Каменица, се формираа облачни маси кои донесоа пороен дожд и засилен ветер. Според податоците од радарскиот центар во Ѓуриште, вертикалниот пресек на облачноста покажа висока одразност и развој на олујни системи на височина над 7 километри, што создаде услови за појава на град.
Според мерењата во 17 часот, најмногу врнежи се забележани во Виница (12,2 l/m²) и Штип (8,2 l/m²). Во Берово се измерени 3,8 l/m². Врнежите донесоа и значително освежување, температурата во Виница падна на 18,5°C, додека во Штип се спушти на 23,4°C. Највисоки температури пред да залади беа измерени во Демир Капија (37,4°C) и Велес (37,3°C). Во Скопје, на мерната станица Зајчев Рид, температурата достигна 37,1°C со влажност на воздухот од 18%.
Утрешниот ден носи слично време. Претпладнето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, но попладне повторно се очекува локална нестабилност. Наместа ќе има пороен дожд, грмежи и засилен северен ветер. Локално процесите можат да прераснат во краткотрајно невреме со силен ветер и град. Дневните температури ќе бидат во благ пад. Во Скопје ќе преовладува сончево со мала до умерена облачност и умерен северен ветер.
Загревањето се враќа за викендот. Од сабота следува стабилизација на времето. Ќе преовладува сончево со мала локална облачност и слаб до умерен ветер. Максималните температури за сабота ќе се движат од 28°C до 35°C, во недела од 30°C до 37°C, додека во понеделник повторно ќе достигнат до 38°C.