Трговски биланс на ЕУ

Поголемиот увоз на енергенси го турна трговскиот биланс на ЕУ во минус

Растот на цените и поголемиот увоз на енергија ја прекинаа позитивната серија, правејќи јаз од 89 милијарди евра за само една година.

Европската унија ја заврши првата половина од годината со дефицит во трговијата со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период лани забележа суфицит од 74,1 милијарди евра. Најновите податоци на Еуростат покажуваат дека трговскиот биланс на блокот се влоши за дури 89 милијарди евра. Главен генератор на овој пад е зголемениот трошок за увоз на енергенси, додека извозот на стоки од ЕУ бележи пад.

Вкупниот извоз на стоки од земјите членки на ЕУ кон трети земји од јануари до јуни достигнал 1.317 милијарди евра. Ова претставува намалување од 2,1 процент во споредба со првата половина од претходната година.

Во исто време, увозот на странски производи на европскиот пазар се зголемил за 4,7 проценти и изнесува 1.331,9 милијарди евра. Оваа комбинација на намалениот извоз и зголемениот увоз целосно го стопи минатогодишното позитивно салдо на Унијата.

Иако само во јуни ЕУ успеа да оствари благ суфицит од 3,9 милијарди евра, овој резултат е значително послаб од минатогодишните 5,2 милијарди евра во истиот месец. Евростат потврдува дека трговското салдо за јуни е влошено за 1,3 милијарди евра.

Клучниот фактор за ваквиот негативен тренд е трговијата со енергенси. Во јуни ЕУ извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, но за увоз потрошила 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот само во оваа категорија се искачи на 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди во јуни минатата година.

Светла точка во европската размена остануваат хемиските производи и индустриската опрема. Најголемо позитивно салдо во јуни е остварено во трговијата со хемиски и сродни производи, каде што суфицитот достигнал 17,3 милијарди евра.

Секторот на машини и транспортни возила исто така забележа позитивен биланс со суфицит од 14,6 милијарди евра. Овие два сектори спречија уште подрастичен пад на европската економија.

На географски план, Европската унија го бележи најголемиот трговски дефицит во размената со Кина, кој во јуни изнесуваше 35,1 милијарди евра.

Од друга страна, ЕУ продолжува да оствари трговски суфицит со САД во износ од 11,2 милијарди евра, како и со Обединетото Кралство, каде што позитивното салдо достигна 17,1 милијарди евра.

Во самата еврозона, јуни донесе суфицит од 8,6 милијарди евра, што е закрепнување по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Сепак, сликата за првите шест месеци открива длабок пад: суфицитот на еврозоната се намали од 82,2 милијарди евра во првото полугодие од минатата година на скромни 9,8 милијарди евра годинава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс