Зимата тропа на врата: од понеделник заладување, дожд и снег на планините

По релативно топлиот викенд, од понеделник пристигнува постуден воздух од север. Температурите ќе се намалат, на планините дождот ќе премине во снег, а од вторник ќе преовладува стабилно, но постудено време

По деновите со температури кои достигнуваа и до 20 степени, Македонија следната недела ја очекува значително заладување. Уште во понеделник ќе има локални врнежи од дожд, а со продорот на постуден воздух од север, попладне на планините тие ќе преминуваат во снег, најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според временската најава на УХМР, во недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта, претежно во западните делови, се очекуваат повремени врнежи од дожд. Минималните температури ќе се движат од 0 до 8 степени, а максималните од 14 до 18 степени.

Во понеделник, 23 ноември, ќе има променлива облачност и повремени локални врнежи од дожд. Попладне ќе пристигне постуден воздух од север, поради што на планините дождот ќе преминува во снег. Ќе дува засилен, а наместа и повремено силен ветер, најпрво од западен, а потоа од северен правец. Утринските температури ќе бидат од 3 до 10 степени, а дневните од 12 до 19 степени.

Вистинското заладување ќе се почувствува во вторник, 24 ноември. УХМР најавува сончево време со мала до умерена облачност, но значително пониски температури. Минималните ќе се спуштат од -3 до 6 степени, додека максималните ќе се движат од 7 до 14 степени. Од вторник ќе преовладува стабилно и постудено време, според временската најава на УХМР. Во утринските часови во постудените котлини и на повисоките места ќе има услови за појава на мраз.


Прогнозите за втората половина на неделата упатуваат на променлива облачност и можност за нови врнежи, особено кон четврток и петок. Температурите ќе останат значително пониски од оние на почетокот на периодот. По невообичаено топлите ноемвриски денови, следната недела ќе донесе потсетување дека зимата е сè поблиску. Топлата облека и чадорите повторно ќе бидат неопходни, особено на почетокот на работната недела.

е-Трн да боцка во твојот инбокс