Европа на улица: од Рим до Лисабон бараат повисоки плати, домови и пари за училишта

Во Италија генералниот штрајк ги затвори училиштата и го запре превозот, а во Лисабон илјадници маршираа и покрај силниот дожд. Барањата се слични од земја до земја.
epa13311956 Protesters face police during the 'Italia in Piazza' demonstration in Milan, Italy, 17 October 2026. The demonstration is part of protests organized across Italy over rising living costs, low wages and concerns about public healthcare and education. EPA/MATTEO CORNER

Студенти и работници во повеќе од 20 европски земји излегоа на протести во петокот, а протестниот бран продолжи и во саботата со маршеви во Португалија, Франција и Шпанија, како што пренесува „Еуроњуз“. Барањата се слични од земја до земја: повисоки плати, пристапно домување, повеќе пари за образование и помалку за вооружување. Најмасовни беа протестите во Италија.

Таму најголемиот синдикат, ЦГИЛ, организираше 24-часовен генерален штрајк, со демонстрации во повеќе од 100 градови, од Милано и Торино до Неапол, Палермо и Рим, пренесува Асошиејтед прес. Штрајкот се совпадна со Меѓународниот ден на студентската мобилизација, па студентите маршираа во повеќе од 45 италијански градови. Штрајкот ги погоди училиштата, болниците и јавниот превоз, а синдикатот тврди дека учествувале над еден милион луѓе. Протестот беше насочен против предлог-буџетот на владата на Џорџа Мелони.

Во Виена неколку стотици луѓе, главно млади, се собраа пред универзитетот и побараа повеќе пари за образование, а помалку за војската. Полицијата го растера собирот по пријавените инциденти, употребувајќи бибер-спреј, а имаше и неколку приведувања, пренесува АП. Во Германија демонстрантите бараа поголемо финансирање на образованието и се спротивставија на можното враќање на задолжителниот воен рок. Во Хрватска студентите бојкотираа настава во десетина градови.

Во саботата, и покрај силниот дожд, илјадници луѓе маршираа низ центарот на Лисабон на протестот организиран од најголемата португалска синдикална федерација, ЦГТП. Специјални возови пристигнаа од Порто, а автобуси од Авеиро и Фаро, пренесува „Еуроњуз“. Цените на становите во Португалија се повеќе од двојно повисоки отколку во 2017 година, а просечната годишна заработка лани беше 37 отсто под просекот на ЕУ, според Евростат. Синдикатот најави нов собир пред парламентот во вторник, кога треба да се одржи конечното гласање за буџетот.

Во Франција протестите траат шеста сабота по ред, со барања поврзани со трошоците за живот, правата на студентите и полициското насилство. Според Министерството за внатрешни работи, низ земјата излегле 82.500 луѓе, од кои 21.500 во Париз, додека организаторите тврдат дека биле 150.000. Во Лион полицијата употреби солзавец. Во Барселона, пак, илјадници луѓе маршираа барајќи пристапно домување и подобро финансирано јавно образование.


Темата не е далечна ни за Македонија. Како што пренесува „Експрес“, синдикалната потрошувачка кошничка во Македонија е 11.000 денари поскапа од владината, а просечната плата изнесува 49.141 денар. Прашањето колку чини животот, наспроти тоа колку се заработува, го поставуваат и македонските семејства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс