Закон за заштита на жените: три месеци без расправа во Собранието

Протоколот меѓу Обвинителството, МВР и Министерството за социјална политика беше договорен истиот ден кога „Ниту една повеќе“ го блокираше булеварот пред Владата. Измените на законот, пак, речиси три месеци чекаат во Собранието, иако беа поднесени по скратена постапка.
ФОТО: Јордан Серафимов - Јоцка

Измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се доставени до Собранието на 26 август, по скратена постапка, како што пренесува Рацин.мк. Речиси три месеци подоцна, пратениците сè уште не отвориле расправа за нив. Скратената постапка е предвидена за прописи што не трпат одлагање, но во овој случај брзината постои само на хартија.

Разликата во темпото најдобро се виде во петокот. Истиот ден кога иницијативата „Ниту една повеќе“ го блокираше булеварот „Илинден“ пред Владата, државниот јавен обвинител и министрите за внатрешни работи и за социјална политика, демографија и млади се сретнаа во Јавното обвинителство. Таму договорија протокол за побрзо постапување. Според договореното, МВР веднаш по секоја пријава за семејно насилство ќе го известува надлежниот обвинител. Обвинителот ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Предвидени се и итно вештачење на повредите, процена на ризикот и прибирање докази, како и контакт-лица во трите институции што ќе бидат постојано достапни.

Протоколот е договор меѓу три институции и може да биде изменет на следниот состанок. Законот ги обврзува сите, вклучително и судовите, а токму тој останува заглавен. Министерот за внатрешни работи уште во март најави брзи законски измени за поефикасна заштита на жртвите. Тогаш, како што пренесе МИА, тој предупреди дека еден од најголемите проблеми е повлекувањето на изјавите од страна на жртвите, најчесто под притисок од насилникот.

Иницијативата „Ниту една повеќе“ го постави барањето за институционална одговорност уште на 8 ноември, а дванаесет дена подоцна го повтори со блокада, пренесува „Рацин“. На протестот пред Владата зборуваше и мајката на 21-годишна девојка од Битола. Таа праша кој ќе ја заштити нејзината ќерка кога обвинетиот ќе излезе од притвор. Според неа, ќерка ѝ со месеци трпела насилство и закани. Битолското обвинителство побара продолжување на притворот.


Протести имаше и надвор од Скопје. Во саботата, граѓани на Охрид излегоа на улица со барања за заштита на жените и одговорност од институциите. Пораката од Охрид беше дека насилството е заеднички проблем, а не приватна работа на една жена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс