Климатскиот самит COP31 во Анталија требаше да заврши во петокот, но преговорите продолжија и во саботата. Државите не постигнаа договор за финансирањето, намалувањето на емисиите и праведната транзиција. На конференцијата, која почна на 9 ноември, учествуваат речиси 200 земји.
Најголемиот спор се води околу еден поим. Првиот нацрт повикуваше на побрзо напуштање на фосилните горива. Ревидираната верзија, која претседателството ја нарече Декларација од Анталија, ги отстрани сите спомнувања на транзицијата од фосилните горива и ја исфрли предложената цел од 120 милијарди долари за финансирање на адаптацијата, пренесува „Клајмат екшн“. Европската Унија предупреди дека со ваков текст климатскиот самит ризикува да се претвори во самит на фосилните горива, пренесува АФП.
Домаќинот Турција, сепак, заминува со низа договори. Според Ројтерс, Анкара од почетокот на конференцијата склучила договори и постигнала согласности за планови вредни над 26 милијарди долари, меѓу кои и прелиминарен договор со Кина за обновлива енергија вреден 15 милијарди долари. На самитот беа лансирани и доброволни иницијативи за електрификација, енергетски ефикасни згради и управување со отпадот. ОН признаваат дека тие не се доволни за остварување на целите од Парискиот договор.
Во Македонија истиот ден темата тргна во спротивна насока. Премиерот во Делчево изјави дека Владата и АД ЕСМ подготвуваат финансиски модел за повторно вклучување на ТЕЦ „Неготино“, која работи на мазут, како што пренесуваат медиумите. ЕСМ се подготвува да набави 45.000 тони мазут. Цената на производството во Неготино премиерот ја проценува на 170 до 175 евра за мегават-час. Моделот треба да ги покрие очекуваните загуби во декември и јануари, кога цените на берзата понекогаш достигнуваат од 400 до 500 евра за мегават-час.
Планот не завршува со Неготино и предвидено е во текот на три години од Косово да се пренесат три милиони тони јаглен за домашните термоелектрани. Моделот ги опфаќа и блоковите во РЕК „Битола“ и Осломеј. Во објавените информации нема ниту збор за емисиите или за влијанието врз квалитетот на воздухот.
Така, додека дипломатите во Анталија се расправаат дали зборовите „фосилни горива“ воопшто ќе останат во завршниот документ, македонскиот енергетски систем оваа зима ќе се потпре токму на нив. Според Владата, поволната хидролошка состојба треба да овозможи загубите да се надоместат напролет и во остатокот од годината.
