Трамп објави фотографија со Путин и го нарече „мој пријател“: Зеленски реагираше

Американскиот претседател објави фотографија од средбата со рускиот лидер во Кина, во момент кога Русија изврши масовен напад врз Украина. „За нас тој е непријател и убиец“, порача Володимир Зеленски.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави фотографија на која се ракува со рускиот претседател Владимир Путин, над која стои натписот „Мој пријател“. Фотографијата е од нивната средба на трилатералниот самит во Кина, каде што Трамп во четвртокот се сретна со Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Објавата на Трамп на неговата социјална мрежа „Трут соушал“ (Truth Social) доаѓа по критиките за неговиот настап во Кина, каде што пред камерите ги истакнуваше „одличните односи“ со рускиот и кинескиот лидер. При средбата со Путин, Трамп го поздрави со зборовите: „Кој е тоа? Тоа е мојот пријател. Драго ми е што те гледам“.

Со новата фотографија, американскиот претседател повторно го нагласи својот став, и покрај критиките што доаѓаат од Киев и дел од меѓународната заедница.

Зеленски: За нас тој е непријател и убиец

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги коментираше изјавите на Трамп за пријателството со Путин во интервју за Си-Ен-Ен, по новиот масовен руски ноќен напад врз Украина.

Зеленски изјави дека нападот веројатно бил најголемиот руски напад во текот на оваа година, при кој биле истрелани 110 или 111 ракети, меѓу кои 27 балистички, и повеќе од 400 дронови. Во нападот има загинати и повредени цивили. На прашањето дали изјавите на Трамп, кој го нарекува Путин пријател, и отсуството на осуда за ваквите напади му даваат зелено светло на Русија да продолжи со уништувањето, Зеленски одговори дека рускиот претседател за Украина е непријател и убиец.

„На претседателот Трамп е како ќе го нарекува Путин. Секако, за нас тој е непријател. И секако, за нас тој е убиец. Мислам дека за повеќето луѓе во светот тој е убиец, бидејќи убива. Патем, убива секој ден и секоја ноќ. Затоа, ако за Путин зборувате како за пријател или нешто слично, тој, секако, не се чувствува како убиец. Не чувствува доволен притисок. Не знам дали тоа за него е црвено или зелено светло да продолжи, но сигурно не го забавува“, порача Зеленски.

За Путин е издаден меѓународен налог за апсење

Средбата во Кина и новата објава на Трамп привлекоа внимание и поради политиката на изолација на руското раководство, која западните сојузници ја спроведуваат со години поради војната во Украина. Владимир Путин во февруари 2022 година започна целосна инвазија врз соседната земја, предизвикувајќи го најголемиот вооружен конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна.

Според процените на Обединетите нации и западните разузнавачки служби, во војната досега загинале или биле повредени стотици илјади војници на двете страни, додека десетици илјади украински цивили се убиени, а милиони луѓе ги напуштиле своите домови.


Истражните комисии на ОН и меѓународните организации за човекови права документираа бројни воени злосторства на руските сили, меѓу кои напади врз цивилни цели и незаконски депортации на украински деца во Русија. Поради овие обвиненија, Меѓународниот кривичен суд во Хаг во март 2023 година издаде налог за апсење на Путин, кој и натаму е на сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс